Повеќе од 350 професионалци и студенти од ИТ-индустријата ќе учествуваат на Global Game Jam Македонија 2019, кој од утре до недела ќе се одржува во Скопје и во Битола. Тие ќе бидат дел од најголемиот интернационален настан за креирање игри, кој се одржува еднаш годишно, истовремено на повеќе локации низ целиот свет во вид на 48-часовен маратон.
– Како дел од International Game Developers Association (IGDA), неговата цел е да ги обедини сите што креираат или имаат желба да креираат игри и да поттикне креативност, соработка и експериментирање. Во 2018 година на Global Game Jam се сретнаа 47.000 џемери, се одржа на 803 локации во 108 земји и беа создадени точно 8.606 игри – велат организаторите.
На годинашниот собир во Скопје и во Битола ќе се сретнат девелопери, 2Д и 3Д-артисти, саунд-инженери, гејм-дизајнери и продуценти, високо мотивирани, трендсетери и идни лидери во ИТ-индустријата. Просечната возраст на учесниците е 25 години. Од нив 40 отсто работат професионално во ИТ-индустријата, поседуваат high-end ИТ-технологија (лаптопи, таблети, паметни телефони) и се почитувани членови на онлајн-заедницата во земјава.
Од Global Game Jam Македонија 2019 очекуваат во наредните два дена на настанот да има 3.000 посетители. За сите учесници на локациите во Скопје и во Битола ќе бидат обезбедени непрекинат интернет-пристап, храна и грицки, пијалаци, простор за работа, за рекреација и за одмор.
Македонија учествува на Global Game Jam од 2013 година. На досегашните изданија се сретнале речиси 1.500 учесници – професионалци, студенти, средношколци и ентузијасти од различни сфери за заедно да креираат игри, да разменуваат знаење и да остваруваат контакти. Досега се создадени 142 видеоигри во прототип, од кои некои продолжија да се развиваат во комерцијални продукти. Повеќе информации и фотографии од претходните години може да се најдат на: gamejam.mk.
912