Родителите се соочуваат со тешка задача пред секој празник.
Купување подароци, украсување на домот, подготовка на храна, забавување на децата за време на празниците… Сето тоа отвора пат за многу грешки.
Хана Кили, експерт за родителство и мајка на седум деца, споделила некои од најголемите грешки што ги прават родителите во пресрет на Божиќ и празниците. Еве на кои грешки родителите треба да обрнат посебно внимание.
Поставување нереални очекувања
Некои родители знаат како да состават долга листа со работи што мора да се направат пред Божиќ. Ова е пат до неуспех и може да доведе до големо разочарување, како за самите родители така и за децата.
Користење на Божиќ за подмитување на децата
Природно е некои родители да користат закани (на пример: „Биди добар, инаку…“) или подмитување („Ако си добар, ќе добиеш…“), но таквиот пристап всушност ги намалува стандардите на родителството. Особено е штетно тоа да се прави во пресрет на Божиќ, празник кој треба да симболизира мир и заедништво. Исто така, вака децата ќе почнат да го користат Божиќ за свои себични цели, истакнува Кили.
Играње улога на „празничен маченик“
Некои мајки земаат преголем залак и решаваат да подготват сè сами. Ова обично води до тоа да се жалат со денови дека не стигнале да направат сѐ што планирале и дека имаат премногу работа. Тие го даваат последниот атом сила за да го направат Божиќ совршен за сите други, ставајќи се себеси на последно место. Ова испраќа погрешна порака до децата и не е фер кон себе.

Играње на улогата на Гринч
Родителите треба да внимаваат да не се жалат премногу за празничниот стрес пред нивните деца. Причината за тоа е што децата до 9-годишна возраст егоцентрично обработуваат информации – што значи дека ако има проблем, тие се гледаат себеси како причина за него. Затоа, родителите треба да останат смирени, да најдат причина да бидат благодарни и да ја изразат, дури и кога ќе се акумулираат фрустрации.
Занемарување на важноста на „списокот со подароци“
Додека родителите обично им кажуваат на своите деца да направат список со желби, Кили предлага да направат и список со подароци што ќе им ги дадат на членовите на семејството и пријателите. Ова е од големо значење за нивниот морален развој.