Она што го јадат децата може да влијае врз развојот на важни структури и врски во мозокот. За да им помогнат на родителите да разберат што им е потребно на бебињата, американските педијатри објавиле збир на препораки за намирници кои обезбедуваат здрав развој на мозокот во првите илјада дена од животот на бебето.

Насоките на Американската академија за педијатрија (ААП), објавени во списанието „Педијатрија“, ги наведуваат протеините, цинкот, железото, фолатите, одредени витамини и незаситените масни киселини како најважни хранливи материи.

– Исхрана во која недостигаат овие хранливи материи може да доведе до доживотни проблеми со мозокот – напишале педијатрите.

Д-р Сара Џејн Шварценберг, членка на Комитетот за исхрана на ААП, вели дека се препорачува ексклузивно доење до околу шест месеци возраст на бебето. Потоа мајчиното млеко не може да ја обезбеди количината на железо и цинк што им е потребна на бебињата кои растат.

– Голем дел од храната за бебиња е збогатена со цинк и железо, но пасираното месо е добар природен извор на овие хранливи материи. Житарките за доенчиња, исто така, се збогатени со овие хранливи материи и можат да бидат добра прва храна за бебињата – вели д-р Шварценберг.

Доенчињата се многу чувствителни на недостигот на хранливи материи

Покрај мајчиното млеко, најдобра исхрана за бебињата е онаа што вклучува разновидна храна, како месо богато со протеини и овошје и зеленчук, кои содржат различни витамини и минерали.

– Доенчињата се многу чувствителни на недостигот на хранливи материи. Нивниот мозок се развива со голема брзина помеѓу првата и втората година, па затоа сакаме педијатрите да препорачуваат здрава палета на храна – додава докторката.

Истражувањата покажуваат дека раната исхрана е важна за градењето здрав мозок.

– Ако ја пропуштите можноста да ги исполните развојните пресвртници во текот на првите 1.000 дена од животот на бебето, нема можност да се вратите назад и да го надоместите изгубеното време – вели Шварценберг.

Таа појаснува дека железото е од суштинско значење за поставување мемориски кола и за брзината на обработка во мозокот кај децата. Иако е полесно бебињата да се хранат со нивната омилена храна, д-р Шварценберг забележува дека е важно да се обезбеди разновидна здрава храна.

– Сите ние имаме тенденција да избереме една или две работи што му се допаѓаат на детето и да не отстапуваме премногу од нив, но ако сакате да развиете добро здравје на мозокот, тогаш навистина треба да обрнете внимание на разновидната храна – заклучила таа.

Извор



912

X