„Кога светот сѐ уште беше млад, животот мораше допрва да се учи. Ѕвездите се збираа во соѕвездија. Некои се обидуваа да направат отпрвин носорог, па палма, па роза пред да ја измислат Големата Мечка…
Лесно беше да се живее. Секој мораше точно да открие што му се чини најлесно. Во секој случај, за огнот тоа беше нешто друго за разлика од дрвото, за рибата тоа беше нешто друго за разлика од птицата, за коренот тоа беше нешто друго за разлика од гранката…
Оваа приказна нема крај, ама има почетоци, и тоа многу.
Порано кога светот беше млад…“
Во претходниот текст ви најавив дека малку ќе ви позборувам за книгата „Кога светот беше млад“ од швајцарскиот автор Јирг Шубигер, па одлучив наместо вовед, да ви споделам еден краток извадок од првиот расказ што го издвоив како прв меѓу омилените. Она што ја разликува оваа збирка раскази од огромното мноштво книги е тоа што добила едно големо признание за својата вредност. Станува збор за книжевната награда „Ханс Кристијан Андерсен“ што им се доделува на автори и на илустратори на книги за деца, и е најзначајна награда во оваа смисла. Најзначајна е затоа што им се доделува на писателите кои пишуваат онака како што децата го доживуваат светот – шаренолик, фантастичен, игрив, необичен – каков што е најубав!
Расказите (некои многу кратки, а некои подолги, па сепак кој од кој поубав) се тематски поделени на шест дела. Ќе ги издвојам највпечатливите за мене (што е особено тешка задача зашто навистина сите еднакво ми се допаднаа), па сега редот е ваш да прочитате како растел нашиот свет.

Не дека многу самувал, но светот се почувствувал поисполнет кога се појавил првиот човек. Затоа што уште се откривал себеси, првиот човек го затекнал светот неподготвен за човековите потреби. Па така, овој морал да го пронајде столот за да си потседне. Па масата за да си ги потпре рацете. Потоа и куќата, прозорците итн. Ама еден ден се појавил вториот човек, а староседелецот го прибрал в куќи за да го засолни од невремето. И почнал да му се фали за своите иновации. Овој, новодојденецот, молчел. Му било непријатно да му каже дека тој ги пронашол ветерот и дождот.
Една ѕвезда, пак, малку невнимателна – паднала врз покривот на една куќа. Во куќата живееле маж и жена, но немале деца. Решиле да ја згрижат, да им биде дете. Таа била мирна и воопшто не била зборлеста, но сакала да пее. Мажот не бил многу среќен поради нејзиното вдомување и често ѝ негодувал на жена си. Еден ден ѕвездата молчешкум се отркалала во друг двор. Во дворот на едно момченце. Се вљубила во него. Никогаш не се вратила кај нејзините родители-луѓе.
Сигурно сте чуле за Лапонија, родното место на Дедо Мраз. Е па таму било многу студено. Толку студено што забите ви се тресат 132 пати во минута (така некако си пресметав). Нормално, луѓето зиме-лете носеле дебела облека. Еден Лапонец имал палто големо колку куќа, со џебови-соби. Тој се вљубил во Лапонка. Си добиле две ќерки. Сите заедно си живееле во неговото палто.
Ако некогаш сте се прашувале на кое место е собрано сѐ што е важно, светот го ставил во една книга. Некој човек секој ден ја читал книгата за да го има сето знаење од кое би му било најарно во животот. Но, оваа книга била голема патувачка, и малку проклета. Низ сто раце минала, и завршила в оган, како во своето најубаво поглавје.
Во една мошне необична ситуација се сретнале едно девојче, еден волк, еден бик и една жена. Девојчето барало помош, за да ѝ се најде во животот, а патем во потрагата се сретнаа претходно наброените четворица. Никој немал идеја каде би можела да се најде таа помош, а да не се украде. Зборувајќи и размислувајќи, ги фатило огромно невреме. Не знаејќи каде да се засолнат, се прегрнале. Невремето не им можело ништо. Така сфатиле дека ја нашле помошта. Или, пак, таа ги нашла нив. Којзнае?!
Ете така, раскажувајќи ви, сфатив дека знам каде би ги побарала среќата, смеата, помошта и надежта кога ќе ми затребаат. Па оваа книга има сѐ што е потребно за безгрижност. Дали уште ќе бидете воздржани или ќе си ги набавите овие книжевни рецепти за радосен живот?! Препорачливо и за родители и за деца, а вистинскиот ефект ќе го постигнете читајќи ја заедно… гласно. Па нека ве чујат и соседите – дејството е благопријатно за сите безусловно. Верувајте ми, ќе бидете благодарни 😉



912

X