Според новиот Закон за основно образование, специјалниот едукатор и рехабилитатор (дефектолог) ќе биде само член на стручен тим во училиштата. Тој нема да може да изведува настава како досега во посебните основни училишта и паралелки. Во истото училиште специјалниот едукатор и рехабилитатор нема да може да работи ниту во ресурсниот центар.
Учениците со умерена и тешка интелектуална попреченост, учениците со бихевиорални проблеми, учениците со ниско функционален аутизам и учениците со мултихендикеп нема да имаат модифицирана програма.
Во изготвувањето на новиот Закон за основно образование во ниту една фаза не беа вклучени професорите од Институтот за специјална едукација и рехабилитација (дефектологија). Не знаеме зошто. Одговорот веројатно лежи во МОН и традиционално во УНИЦЕФ. Нашиот Институт има нова и модерна студиска програма каде што се опфатени инклузијата, инклузивната пракса, наставата, процената, третманот, раната интервенција и сл. И најважно од сè, студиските програми години наназад беа највисоко оценети и се признати во Европа и пошироко.
Фото: КолектиФ прес
Филозофскиот факултет и Институтот за специјална едукација и рехабилитација не се поканети на дебатите за Законот, кои веќе се организираат од страна на МОН. Исто така не знаеме зошто.
Според новиот Закон за основно образование, предвидено е посебните училишта да преминат во основно училиште со ресурсен центар (член 20 став 1), а посебните паралелки во центри за поддршка (Член 16). Државата може да формира основно училиште со ресурсен центар што ќе дава советодавна, консултативна, стручна и практична поддршка на други основни училишта. Ова училиште може да им ја даде поддршката на други училишта само преку образовен или личен асистент, но не и преку специјален едукатор и рехабилитатор.
Проф. д-р Горан Ајдински и други професори од Институтот за специјална едукација и рехабилитација (дефектологија) при Филозофскиот факултет во Скопје
912