Македонија е на 45. место од 58 држави во математичка писменост. Во природни науки сме подолу рангирани, односно од 58 држави-учеснички земјава е на 51. место. Ова го покажаа резултати од меѓународното ТИМСС-тестирање спроведено во 2019 година, информираат од Министерство за образование и наука.

Во математичка писменост најдобри постигнувања на тестирањата има Сингапур, па Хонг Конг, Кина, Јапонија… Во однос на земјите од опкружувањето, нашите ученици се подобри во математика од учениците во Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

-Резултатите од меѓународното тестирање ТИМСС ни давaат вистинска слика за тоа каде се наоѓа нашиот образовен систем на глобалната карта по математика и природни науки и колку нашите ученици се оспособени да го искористат сопственото знаење. Тестирањето ни покажа дека како земја генерално имаме капацитет да создадеме квалитетно едуцирани генерации, но дека треба уште многу да се работи. Затоа веќе работиме на целосно нова концепција за основно образование која треба да го поттикне и изрази полниот потенцијал на секое дете. Исто така, треба да создаде идни генерации кои нема само да меморираат факти, туку ќе носат заклучоци базирани на анализа на факти. Само преку ваков начин и пристап на креирање политики, оптимисти сме дека ќе продолжиме да одиме напред и на следното ТИМСС или кое било друго меѓународно тестирање на кое ќе учествуваме – велат од МОН.

TIMSS (Trends International Mathematics and Science Study) е интернационална студија во која се мерат постигнувањата на учениците по математика и природна група предмети (природни науки, физика, хемија, биологија), како и факторите што влијаат врз тие постигнувања.

Интернационалната организација за оценување ИЕА го организира тестирањето, а во нашата држава го спроведува Државниот испитен центар. Нашата земја досега учествуваше во четири ТИМСС-тестирања и тоа во ТИМСС1999, ТИМСС2009 и ТИМСС2011 со популација од осмо одделение и сега во ТИМСС2019 првпат со популација од четврто одделение.



912

X