Ух, уште долго не ќе можам да се соземам од книгата што последно ја прочитав и за која сакам да ви зборувам во овој текст. Знаете, таа е од оние книги поради кои сакате да измислите највозвишено признание, нешто како „Оскар“, дури и понедостижно. Вие да сте врвниот авторитет што ќе ја прогласи таа книга за „книга над книгите“. Да посакате да симнете ѕвезда и како орден да ѝ ја ставите на корицата, со што ќе ѝ докажете дека не е од оваа планета. Ете – толку совршена книга, што ве обликувала во најубава форма, како да сте од пластелин.
„Ноќните птици“ од Тормод Хауген е роман кој веќе носи таква еполета, со посебно признание за авторот поради неговиот „траен удел во детската литература“, а тоа значи длабок наклон пред него на познатата награда „Ханс Кристијан Андерсен“.
Преку кратки, наместа поетизирани реченици, со многу чувство за убавото, книгата зборува за совладаниот страв и пребродената грижа. За тоа колку децата се подвижна слика на случувањата во домот, зад затворените врати. За нивната, би ја нарекла возрасност, обидувајќи се да одржуваат мир во семејството, жртвувајќи го сопственото спокојство, што природно им следува.

Таков е светот на осумгодишниот јунак Јоаким, кој има збрка од грижи во својата глава, што ноќе се преобразуваат во страшни, црни, пердувести, канџести, немирни гракала и му го крадат сонот.
„Ноќните птици.
Се сеќаваше на првиот пат кога дојдоа кај него.
…Темно во собата. Темно во претсобјето.
…Тогаш ги слушна. Шушкање низ воздухот. Од сите страни.
И ги виде. Како црни сенки. Уште поцрни од ноќта.
…Големи, размавтани крилја со гласни пердуви.
Црвени, зазјапани очи. Како да имаше оган во нив. “
Неговото семејство не е сосема идилично. Татко му е без работа и закрепнува од нервен слом. Мајка му е несреќна со својата слабоплатена, а исцрпувачка работа. Целата тага и тензија што надвиснале над ова тричлено семејство се чини се вдомиле во кроткиот Јоаким.
Но, за краткото сиже да не ве поколеба да посегнете по книгата, ќе ви споменам дека во приказната за Јоаким има место и за среќните моменти. За долгите прошетки на дождот со родителите:
„Мама и тато и Јоаким беа сами на светот.
Се држеа за раце и се стрчаа преку улицата во паркот.
…Тато се смееше и неговото лице беше влажно и убаво за гледање.
Дождовната насмевка на мама. Нејзината долга коса беше пуштена слободно врз кабаницата и собираше капки.
… – Ние сме дожд, дожд, дожд! Кога ќе престане да паѓа, и нас ќе нè снема.
Застанаа мирно и оставија само да шумоли и да паѓа над нив и околу нив“;
За специјалните вечери што ги приготвува татко му и за едно девојче од другата страна на улицата:
„Тогаш ја здогледа.
Таа стоеше неподвижно на тротоарот… Стоеше како некој да ја имаше маѓепсано.
…Јоаким ја погледна.
Таа беше најубавата што ја познава.
Таа одеше во 2б. Јоаким одеше во 2а.
…Секој ден на училиште таа го погледнуваше најмалку еднаш.
Никогаш немаа прозборено.
Само се гледаа.
…името ѝ беше Мај Брит. Тоа беше најубавото име што Јоаким го имаше слушнато“.
Во тие мигови, сенишните суштества исчезнуваа. Јоаким веќе се запозна со себе. Си подадоа рака, си гарантираа дека и двајцата се безопасни еден кон друг. Тогаш, ноќните птици беа тивки.
За да не ја нарушам поезијата во оваа совршена книга, само ќе додадам: децата се лакмусот за откривање на состојбите во нуклеусните семејства, а посредно и во целото општество. Да не им го крадеме детството на децата со нашите возрасни работи, за сечие добро!



912

X