Родители на ученици во Основното училиште „Кочо Рацин“ во Општина Петровец реагираат дека нивните деца немаат храна додека се на училиште. Училиштето распишало тендер за избор на оператор со храна, но никој не се пријавил. Така децата треба да носат храна од дома или на одморите да купуваат од локалните продавници. Но, кога купуваат децата, треба сами да изберат, што, пак, е ризик околу тоа за што ќе се одлучат. Така многу од нив без надзор се хранат со слатки, чипсови…
Мајка на прваче за „Деца.мк“ вели дека мора да подготвува храна од дома или да му дава пари на детето да си купува.
– Не е во ред децата да немаат храна додека трае наставата. Некогаш од дома му подготвувам храна, некогаш купувам, а некогаш тој сам си купува. Се соочувам со ситуации често да ми праша: „Зошто да јадам ѓеврече кога можам да си купам чоколадо?“ Децата гледаат едно од друго и сакаат и тие да го јадат она што го јадат другите деца. Кога би имале ужина, сите дечиња еднакво би јаделе, а и мислам дека така би јаделе барем нешто поквалитетно. Вака се хранат со чипсови, со слатки… Наутро што да направам попрво, дали да се подготвиме за на училиште, дали да им подготвам храна – вели мајката.
Кога храната ја подготвува од дома, обично тоа е печиво со свежо овошје или зеленчук.
– Правам мали пици, тостови. Ставам мандарини и јаболка. И со други родители разговаравме, и тие истото го прават. Реагиравме во училиштето, но нема решение. Исто така, проблем е и превозот за до училиште, оддалечено е два километри од кај нас. Иако моето дете има право на бесплатен превоз, Општината не го обезбедува тоа, па децата се возат со автобус на ЈСП или, пак, ние родителите се договараме и ги носиме со автомобили – додава мајката.
Фото: Архива
Татко на ученик вели дека бара начин да му објасни на детето зошто сите различно јадат, т.е. зошто на некој му е дозволено да јаде слатки, друг мора да носи ѓеврек, трет има пица од дома.
– Тие некогаш мора да научат за разликите, но мислам дека се мали. Со иста храна за сите би било многу поедноставно и за нас и за децата, кои и тоа како паѓаат во искушение да купат нешто што не е здраво или не треба да се јаде во тој дел од денот – вели тој.
Директорката на училиштето, Татјана Трајановски, веќе два месеца е на оваа позиција. Таа објаснува дека имало објавено тендер за избор на фирма што ќе носи храна за децата, но никој не се пријавил.
– Учениците си носат храна од дома, им подготвуваат родителите или, пак, си купуваат. Имаше реакции од родителите за ова, но иако објавивме тендер, никој не се пријави. И лани и пред две години ја имавме истата ситуација, која се реши со тоа што отпосле се разговараше со пекарница која се нафати да носи ужини за децата – вели Трајановски.
Во училиштето нема целодневна настава, па затоа и нема топол оброк.
– Имаме само дневен престој. Минатата година се случи да се хранат со ужина само педесетина деца, а во училиштето има вкупно 700 ученици, па најверојатно на пекарниците не им се исплати да соработуваат со нас. Друга причина мислам дека е и оддалеченоста на училиштето, па и тоа е проблем. Лани за ужина секое дете плаќаше по околу 400 денари месечно. Ќе ги разгледаме сите можности и ќе видиме како да го решиме ова – вели директорката.
912