Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Моето дете е многу нервозно, има 3 години и многу е бесно – сè фрла и сè прави со нервоза. Што да преземам? Не знам дали нервозата му е од телефонот на кој гледа или од тоа што живеевме под стрес 2 години.
Свекор ми пиеше и психички нè малтретираше. Веќе не живееме таму и со детето добро комуницирам.
Ако направи беља и ако му викнам, ми се криви, води инает, вреска. Јас ќе се обидам со добро, а тој уште повеќе води инает и вреска на цел глас. Инаку, разбира сè. Откако ќе си игра, ќе му кажам да ги собере играчките, а тој вика дека нема да ги собере, води инает. Ќе му речам: „Добро, ајде јас ќе ги соберам“, а тој пак вреска.

Го оставам да игра, не игра, ги фрла. Пак ќе му викнам и пак истото. Не знам дали е некоја траума или е нормално да се однесува вака. Исто така, откако ќе гледа цртани на телефонот, збеснува, се прави како спајдермен, супермен, трча… Не знам дали да му го спречам телефонот. Не знам дали е разгален? Не правеше вака пред една година.

Прашува: Симона

ОДГОВОР: Верувам дека сега кога живеете сами, сте нашле мир без да бидете сведоци и учесници на малтретирањата со кои сте биле соочени кога сте живееле во заедница. Сега сте во ситуација и имате можност сами да го воспитувате и раснете вашиот син. Велите дека детето поголемиот дел од времето си игра и дека добро комуницирате дома, но дека одвреме-навреме е нервозно, луто и беснее.

Децата не знаат како треба да се однесуваат кога се лути, т.е. не знаат на кој начин да ги исфрлат лутината и енергијата од себе. Многу е важно вие во моментот кога детето е луто, да ја препознаете неговата емоција, да кажете дека разбирате дека е лут и дека тоа однесување не е во ред (фрлањето на играчките, и да се фрла), јасно да поставите граници и да го пренасочите. Кога децата се многу упорни и водат инает, често имаат потреба да им бидат наметнати строги правила. Децата понекогаш врескаат кога нешто им треба или сакаат, па размислете дали можеби сака да има повеќе внимание од вас и да си играте заедно.

Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт

Голем предизвик за родителите е како да се носат со искажаните емоции на бес и лутина од страна на детето бидејќи истовремено и кај родителот можат да се појават истите јаки емоции. Поради тоа, за да му се помогне на детето да научи како на прифатлив начин да ја искажува својата лутина, многу е важно прво родителот да умее да го регулира своето однесување. Па така, по пат на учење, гледајќи го родителот, детето ќе научи.

Рековте дека кога ќе направи беља, му викате… Пробајте да не викате, да му објасните смирено зошто тоа што го направило не е во ред, кои се последиците и како да внимава наредниот пат. Како вие сте се чувствувале тогаш и зошто.

Задача на возрасните е да го водат, пренасочат детето и да му покажат што може да направи. Децата немаат ниту капацитет ниту идеја да ги задоволат своите потреби на прифатлив начин и поради тоа им е потребна нашата помош. Може да плаче, да биде лут, но не смее да се повредува или пак вас да ве повредува.
Пробајте заедно да ги собирате играчките за почеток, бидете креативни, па направете игра од собирањето. Кој попрво ќе ги собере, на пример. Или спајдермен и супермен се јунаци, но и тие ги собираат играчите, па ете имате можност да ги употребите неговите омилени јунаци како помош во многу работи. Тој е спајдермен и ги спасува играчките така што се грижи за нив.

Во моментот кога детето е веќе луто или фрустрирано, нема смисла да му се објаснува. Во таква состојба детето не може да го задржи вниманието и да ги обработува информациите што ги добива. Објаснувањето има смисла само кога детето е мирно, тогаш е важно објаснувањето да биде кратко и јасно и прашајте го што сака, зошто толку врескал и се лутел.

Поставете граници и правила на однесување, бидете смирени, колку тоа понекогаш и тешко да ви паѓа, и бидете доследни за она што смее, а што не смее.

Важно е вашето дете да не се воздржува во изразувањето на лутината. Тоа е нормална емоција како и сите други емоции, а нашата улога како родители е да му помогнеме да го стори тоа на најбезбеден начин.

Телефонот и цртаните можете да ги лимитирате, шетајте, трчајте, поминувајте време заедно. Вашето дете расте, не може да се однесува исто како пред една година.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 

е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

*Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X