Зголемената телесна температура е еден од најчестите симптоми кај децата поради разни инфекции. Тоа е природен одбранбен механизам против разни патогени.
Важно е да се знае дека некои намирници можат да го влошат или да го продолжат овој симптом, а „Медикал хаус калс“ открива кои намирници треба да ги избегнувате.
Храна со многу шеќери
Бонбоните, колачињата и засладените пијалаци можат да влијаат врз имунолошкиот систем. Прекумерното консумирање шеќер може да предизвика воспаление и да ја ослабне способноста на телото да се бори против инфекции. Слатката храна обезбедува празни калории кои не придонесуваат за задоволување на нутритивните потреби, што може да доведе до пад на енергијата и дополнително да ја комплицира задачата на телото да се брани од патогени.
Зачинета и масна храна
Зачинетата и масната храна не е многу добра за дигестивниот систем. Таа може да го иритира желудникот и да ја влоши мачнината, ако дигестивниот систем е веќе вознемирен. Пржената или масната храна е тешка за варење и може да доведе до непријатност. Секако, и масната и зачинетата храна можат да „одземат“ дел од енергијата на телото, која сега му е потребна на детето за борба против инфекции, но и за преработка на оваа тешко сварлива храна.
Млечни производи
Иако млечните производи се добар извор на калциум и протеини, тие го зголемуваат производството на слуз, што може да ја отежни борбата против респираторни инфекции.
Кофеински пијалаци
Чајот и енергетските пијалаци, кои содржат кофеин, можат да придонесат за дехидрација. Кофеинот е диуретик, што значи дека го зголемува производството на урина. Одржувањето на хидратацијата е клучно за регулирање на телесната температура и одржување на телесните функции, па затоа треба да се избегнуваат пијалаци со кофеин при инфекции и температура.

Преработена храна
Преработената храна често содржат високи нивоа на натриум, конзерванси и вештачки адитиви. Овие намирници имаат ниска содржина на добри хранливи материи и можат да придонесат за воспаление во телото. Ваквата храна може да го ослабне имунолошкиот систем, а многу подобра опција е да јадете храна богата со хранливи материи.
Храна што е добра
Најважна е хидратацијата бидејќи покачената телесна температура го поттикнува губењето на течности. Најдобрата опција е водата, како и некои билни чаеви (камилица, нане, ѓумбир) и чорби.
Свежото овошје, цитрусите и бобинките се одличен избор на храна при температура бидејќи имаат добар ефект врз имунолошкиот систем и помагаат во борбата против инфекциите. Бананите, исто така, се добар избор бидејќи лесно се варат и обезбедуваат калиум, што е важно за одржување на електролитната рамнотежа.
Кога станува збор за зеленчук, листестиот зелен зеленчук и оние од семејството на зелка, како и морковите, се препорачуваат за консумирање при покачени температури, а истото важи и за посно месо, риба, мешунки и интегрални житарки.
Секако, храната што содржи пробиотици, како што се јогуртот и кефирот, може да му помогне на телото да се бори против инфекции.