однесување Прашај психолог

Не можеме да му кажеме НЕ зашто почнува да писка, да се фрла на земја и страшно да плаче… Како да постапиме?

ПРАШАЊЕ: Моето дете има 2 години и 9 месеци. Оди во градинка, јаде, убаво спие. Има добар фонд на зборови, сврзува по неколку збора. Проблемот е што во последните две-три недели однесувањето му станува сѐ полошо. Буквално за ништо не можеме да му кажеме НЕ и ако некој, ние, член од семејството или воспитувачката, го спречи во нешто што наумил да го направи, и тоа со тивок тон, следува пискање, фрлање на земја, страшно плачење. Тоа трае 5 минути и ако го оставиме да се смири сам, после како ништо да не било. Се обидуваме да зборуваме за проблемот и јасно кажува дека нема повеќе да прави така, но потоа се повторува сѐ. Сѐ сака да биде по негово, а пред овој период имавме големо влијание и буквално со поглед знаеше што може, а што не. Колку би траел овој период и како да постапиме зашто ни во јавност не можеме да му речеме нешто, одма прави сцени. Не е агресивен да тепа деца, не каса, ама кога е лут, тие 5 минути буквално е како во лудило – клоца, се фрла и удира.

ОДГОВОР: Вашето дете расте и се менува. Тоа влегува во фаза од развојот кога почнува да го доживува своето „јас“, да открива дека има своја волја и граници. Повеќе не се чувствува како „дел од мама и тато“, туку како сопствена личност со свои желби, избори и мислења. На оваа возраст детето развива нови когнитивни способности, почнува да ги разбира причинско-последичните односи („ако направам ова – ќе се случи тоа“), но сѐ уште нема зрел емоционален систем кој може да ја контролира фрустрацијата, како и недоволно развиен говор за да ја изрази целата сложеност на своите чувства.

Затоа, кога велите „НЕ“, детето не слуша само забрана дека нешто не може, туку тоа го доживува како ограничување на својата нова, штотуку стекната автономија. Поради тоа, изливите на емоции се толку бурни, со плачење, фрлање, пискање, клоцање.

Бидејќи детето нема друг начин како да се справи со фрустрацијата и е под влијание на силниот афект, во тие пет минути тој буквално е „надвор од себе“.  Емоциите се интензивни, но кратки… кога афектот ќе спласне, тој повторно е мирен како ништо да не било. Поради тоа што детето не умее да ја поврзе емоцијата со зборот (бидејќи уште не ја разбира), преминува од плач во смеа за неколку секунди и обратно.

Ова е многу важен момент во развојот, но за вас, родителите, знае да биде исклучително тежок и ќе треба да бидете способни да истрпите и да поднесувате.

Вие како родители треба да бидете таканаречената „позајмена регулација“, која ќе му помага на детето постепено да научи дека емоциите не се опасни и дека можат да се поднесат.

Би било добро да не се плашете од неговите изливи, бидете смирени и присутни (внимавајте да не се повреди) без вие да се вознемирувате или да покажувате преголема важност, исто како и досега што правите, тука сте, и го оставате да се смири. Кога детето ќе види дека не губите контрола, и неговиот внатрешен свет почнува да се смирувa, а тоа е суштината на воспитувањето.

Не објаснувајте во моментот на изливот на емоции кога вреска, плаче итн., во тој момент тој не слуша. Почекајте да се смири, тогаш кратко и мирно кажете што не е во ред, објаснете му: „Лут си затоа што не ти дозволив да го земеш тоа. Разбирам дека си лут, но не може.“

Не повлекувајте се пред сцените, но исто така не казнувајте го. Ако се случи во јавност, не реагирајте со срам или лутина, само тргнете го настрана, почекајте да се смири и продолжете. Препознавајте ги и рефлектирајте ги емоциите. Цртајте и играјте улоги.

Поставувајте јасни и конзистентни граници, бидете доследни и не „купувајте“ мир со попуштање. Кога ќе се смири, пофалете го.

Оваа фаза обично трае неколку месеци. Вие го учите детето како се поднесуваат границите, а тоа се учи низ вашата смиреност. Со ова однесување детето само покажува дека добро расте психички и емоционално, а неговото бунтовништво е само првиот облик на идентитет 🙂

Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova

To top