Стресот е вообичаен во семејствата, особено сега кога луѓето поминуваат многу време заедно под ист покрив, поради мерките против ширењето на коронавирусот. Ново истражување открива дека родителите ги потиснуваат чувствата на стрес кога се околу своите деца, но тие исти чувства всушност се пренесуваат и на децата.
Во извештај објавен во „Списанието за семејна психологија“, Сара Ватерс, асистент професор во одделот за човечки развој на Државниот универзитет во Вашингтон, и нејзините колеги ги проучувале интеракциите помеѓу родителите и децата на возраст од 7 до 11 години. Откриле дека децата имаа физички одговор кога родителите се обидуваат да ги сокријат своите емоции.
– Покажавме дека одговорот се случува под кожата. „Се покажува што се случува кога им велиме на децата дека сме добро кога не сме. Тоа е со добра намера, не сакаме и тие да бидат под стрес и да ги плашиме. Но, можеби го правиме токму спротивното – вели Ватерс.
Истражувачите проучувале 107 родители, од кои речиси половина биле татковци, и нивните деца. Прво ги зеле основните податоци од родителите и децата и побарале секој да направи листа со топ-5 теми кои предизвикуваат конфликт помеѓу нив. Потоа ги одвоиле родителите од децата и побарале од секој родител да изведе стресна активност, на пример, јавно говорење, за да се активира психолошкиот систем за одговор на стрес. Потоа, кога родителите биле под стрес, го донеле детето назад и побарале да имаат дискусија околу темата која била позиционирана на врвот на нивните листи со темите што им предизвикуваат меѓусебни конфликти. Од половина од родителите било побарано да ги потиснат своите емоции за време на разговорот.
Интеракцијата помеѓу нив била снимана и оценувана од трета страна, која не знаела кои родители во која група спаѓаат. Родителите и децата имале сензори на своите тела за да им се измери психолошкиот одговор. Се открило дека во групите каде што емоциите се потиснувале и родителите и децата биле помалку топли и поврзани едни со други.
– Тоа има логика за родител на кој му е одвлечено вниманието преку обидот да го скрие стресот, но децата многу брзо го менуваат своето однесување за да биде соодветно на она од родителот. Па ако сте под стрес и речете – „Добро сум“ – тоа само ве прави помалку достапни за вашето дете. Откривме дека децата го примаат тоа и доаѓа до реципроцитет, со што целиот процес станува динамика за себеисполнување – вели Ватерс.
Во студијата, мајките во контролните групи не го пренесувале стресот на нивните деца. Но, кај мајките од кои било побарано да ги потиснат емоциите, нивните деца покажале повеќе знаци на стрес, и психолошки и надворешен. Не бил ист случај со татковците.
– Откривме дека мајките и татковците се различни. Баравме психолошки одговор, но немаше ниту во контролната ниту во експерименталната состојба во која татковците го пренесуваа стресот на своите деца. Мислиме дека татковците не го пренесуваат својот потиснат стрес бидејќи често имаат тенденција да ги потиснуваат своите емоции околу своите деца повеќе од што тоа го прават мајките. Децата имаат искуство со кажувањето од страна на таткото дека сè е во ред дури и кога не е. Но, абнормално е за децата да ги видат своите мајки како ги потиснуваат емоциите и тие реагираат на тоа – вели Ватерс.
Колку повеќе родителите имаат чувство дека губат контрола, а особено во оваа глобална пандемија тоа чувство е поинтензивно, толку посилен ќе биде импулсот да ги убедат децата дека сè е во ред.
– Истражувањата покажуваат дека е поутешително за децата да им бидат вреднувани нивните чувства отколку да им се каже дека сè ќе биде во ред – вели Ватерс.
На пример, ако детето им каже на родителите дека навистина му е тешко што не може да ги гледа пријателите, не би требало веднаш да се обидувате да го решите тој проблем. Бидете со него и дајте му шанса да ги регулира тие емоции на свој начин. Обидете се да не покажете дека сте фрустрирани од она што ви го кажува или да го решите неговиот проблем. Обидете се со истото и за себе, дајте си дозвола да бидете фрустрирани и емоционални.
Ватерс вели дека нејзиниот најголем страв од оваа студија е дека ќе им предизвика поголем стрес на родителите.
– Не сакаме ова да биде уште една работа поради која родителите се под стрес кога ги одгледуваат своите деца. Не дека грешите, но вреднувајте ги и вашите и чувствата на децата. Бидете доволно храбри за да ги согледате. Децата ќе се изборат со сето тоа, добри се во справување со нештата. Дајте си дозвола да чувствувате, па да го отворите и умот кон подобро решавање на проблемите. Тоа е добра работа – вели Ватерс.
Автор: Скот Вејбрајт