Платформата тековно има околу 270.000 корисници, на неа се креирани околу 150.000 предмети и досега се имаат најавено околу 160.000 корисници, рече вон. проф. д-р Боро Јакимовски, продекан за наука и соработка на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ)
„Мајкрософт тимс“ е делот што поактивно ќе се користи на почетокот на учебната година за полесно да се одржат предавањата додека се надминуваат предизвиците со националната платформа за онлајн-настава. Можност за приклучување ќе има. Платформата тековно има околу 270.000 корисници, на неа се креирани околу 150.000 предмети и досега се имаат најавено околу 160.000 корисници, рече вон. проф. д-р Боро Јакимовски, продекан за наука и соработка на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) на прес-конференцијата што денеска ја организира Министерството за образование и наука.
Тој објасни дека ФИНКИ, пред сѐ компјутерскиот центар го прифатил предизвикот за имплементација на националната платформа за многу краток временски период.
– За нецел месец беа направени инфраструктурата, инсталации и приспособување на основниот дел на платформата – Мудлс и интеграција со Мајкрософт 365 и Тимс. Платформата е приспособена на повеќе јазици, направено е соодветно дизајнирање за настава во основно и средно образование и интеграција со останатите национални системи за евиденција во нашето образование. Дополнително помогнавме во спроведувањето на обуките, на МОН во начинот на опремувањето на училиштата со поврзување на интернет, помош кон телеком-операторите и зголемување на капацитетите на интернет. Резултат беше стартувањето на платформата, дефинитивно проследено со многу предизвици и непознати во целиот процес – рече Јакимовски.
Сите профили на корисници на платформата се креирани, дистрибуирани до наставниците и учениците. Експертите сѐ уште им помагаат со техничка поддршка да се најават и да пристапат до неа. Функционирањето на платформата има многу предизвици и на неа тековно ќе се работи и ќе се надградува, но ќе биде на располагање за да се споделуваат материјали како тестирање, споделување содржини во електронска форма до кои учениците ќе имаат пристап.
– Остануваме понатаму во предизвикот. Во наредниот период ќе вршиме измени, да видиме каде сме згрешиле, бидејќи имаме комплексен проблем за решавање и целосно да ја подобриме платформата и таа да го заземе вистинското место во образовниот процес. „Мајкрософт тимс“ дефинитивно може да го издржи оптоварувањето од голем број корисници – вели Јакимовски.
Тој објасни дека одделенските часови и останатите предмети се креираат во „Мајкрософт тимс“. Наставниците имаат насоки да ги дополнат, приклучат учениците ако некои информации не се потполни и во минатото не биле ажурирани. Не е само до платформата, туку и до системите, до тоа што информациите не се потполни.
– Од сево ова зависи колку ќе биде успешно. Можност за приклучување дефинитивно ќе има, сите лозинки се дистрибуирани. За тие ученици што претходно не беа во системот направен е начин и достапен на училиштата како да им ги увидат креираните лозинки за да не се користи претходниот начин. Така сите ќе можат да се најават на „Тимс“ и да се приклучат кон соодветните паралелки – рече Јакимовски.
912