Не помислувавте дека ќе ви се случи вам. Сте гледале како децата на вашите пријателки одбиваат да го јадат она што ќе им се послужи. Веројатно зачудени сте присуствувале на тие непријатни сцени, мислејќи дека вашите пријатели грешат во пристапот, дека ги разгалиле децата и дека сега плаќаат за тоа.
Потоа одеднаш истото, а и полошо почнало да ви се случува вам. Сте ги потрошиле сите идеи и трикови, сте ги примениле сите можни и невозможни совети, сосема сте ги изгубиле нервите и сега не знаете што да правите. Повлечете ја кочницата и на овој проблем посветете се како со него првпат да се среќавате. Не дозволувајте фазата на нејадење да се претвори во животна навика. Во тоа ќе ви помогнат следните совети:
Не правете од мува слон
Придавањето големо внимание на одбивањето на детето да јаде одредена храна во поголем број случаи го поттикнува вашето дете и понатаму така да се однесува. Обидете се да не го забележувате таквото однесување колку што е можно повеќе. Самите со сласт јадете ја храната што сте ја послужиле и пофалете ги браќата и сестрите кои изеле без многу мака. Притоа во една реченица објаснете кои „магични“ промени може да се случат (Попај со спанаќ, Бананамен со банана и слично).
Не очекувајте промени преку ноќ
Не поставувајте преголеми цели кога се оброците во прашање. Доколку имате проблеми со воведување „нови“ јадења, започнете со тоа детето да допре, помириса или да го лижне тоа јадење, па потоа пофалете го за трудот.
Не придавајте му значење на нередот
Нам, на родителите, истурањето храна и пијалак за време на оброците ни создава стрес. Обидете се да го оставите тоа настрана. Кога малите деца почнуваат самостојно да јадат, нормално е да прават неред. Потрудете се тој оброк да биде уживање и учење. Често нашата претерана реакција на истурање на храната и пијалаците може да му испрати на детето погрешен сигнал, неретко протолкуван како време за игра. Подобро е на крај од оброкот да ги соберете расфрланите работи и да исчистите отколку во текот на оброкот нервозно да ги собирате фрлените парчиња храна и приборот за јадење од подот.

Не присилувајте ги да јадат
Присилното пикање полна лажица од ново јадење во устата на детето најчесто создава спротивна реакција од посакуваната. Кога воведувате нови намирници или јадења во исхраната на вашето дете, најдобро е тоа да бидат помали количини, само неколку залаци кои ќе ги послужите со добро познато јадење. Не откажувајте се при првото спротивставување. Упорно продолжите да му го нудите јадењето сè додека не прифати да проба. Имајте на ум дека детето може да одбие некое јадење помеѓу 10 и 15 пати пред конечно да го прифати.
Запомнете…
Детството е период кога се создаваат навики за целиот живот. Дозволете му контролирана самостојност на детето. Вие послужете го она што сметате дека вашето дете треба да го изеде, но дозволете му самото да избере што ќе изеде од послуженото.
Автор: Дијана Радетиќ