Здравје

Најлошата храна за децата

Со оглед на тоа дека малите деца често се пребирливи кога станува збор за храната, родителите имаат проблем кога ги воведуваат децата во здрава исхрана базирана на хранливи материи. Сепак, педијатрите предупредуваат дека хранливиот дефицит кај детето може да го попречи неговиот раст и развој.

„Затоа е важно да се знае која храна е најдобра за бебињата и малите деца, а која е подобро да се избегнува, вклучително и оние таканаречени несоодветни намирници кои претставуваат потенцијална опасност од задушување“, објаснува докторката и портпаролка на Академијата за исхрана и диететика во САД, Кристин Гербштад. Ова е листата со најлоша храна за малите деца.

Виршли и друга опасна храна

Тврдата, леплива, лизгава, крупна и тркалезна храна не е безбедна за малите деца бидејќи лесно може да се задават со неа. Затоа експертите препорачуваат да не му давате на вашето дете виршли, колбаси, големи парчиња месо или сирење, грозје, пуканки, голем свеж зеленчук и јаткасти плодови или семки. Откако ќе почнете да подготвувате храна за вашето бебе, мора да ја исечете на парчиња не поголеми од половина сантиметар за да може детето полесно да ја џвака.

Газирани пијалаци

Според една студија од 2008 година за навиките во исхраната на доенчињата и малите деца, за жал, на некои деца речиси секој ден им се служат сокови и газирани пијалаци. Истата анкета покажала дека до 24 месеци, повеќе од 10 проценти од малите деца пиеле газиран пијалак речиси секој ден. Експертите предупредуваат дека газираните пијалаци не содржат никакви хранливи материи, а нивното консумирање само покажува дека децата јадат и пијат помалку хранливи намирници кои навистина му се потребни на нивниот организам. Исто така, овој вид пијалак содржи големи количини преработен шеќер, кој може да предизвика расипување на забите и многу други здравствени проблеми.

Брза храна

Брзата и преработена храна често е полна со заситени масти, шеќер, сол и калории и има малку здрави хранливи материи и како таква, предупредуваат експертите, не треба да биде на менито на вашето дете. Разбирливо е дека одвреме-навреме ќе го носите вашето дете на помфрит или хамбургер, но педијатрите нагласуваат дека тоа треба да се минимизира, додека кај бебињата најдобро е целосно да се избегнува овој вид храна.

„Колку е пообработена храната, толку повеќе се намалува нејзината хранлива вредност, а се зголемува содржината на шеќер, сол и маснотии. Затоа е најдобро да се избегнува или барем да се минимизира овој вид храна“, објаснува диететичарката Кејт Геган.

Овошни сокови

Иако овие пијалаци содржат овошје, експертите предупредуваат дека тоа не мора да значи оти тие сами по себе се целосно здрави. Имено, влакната во свежото овошје најмногу се губат во процесот на производство, а она што останува е првенствено многу шеќер. Сокот може да предизвика и дијареја кај малите деца и бебињата бидејќи шеќерите што ги содржи може да го забрзаат варењето, попречувајќи ја способноста на телото самостојно да ги апсорбира хранливите материи.

Автор: Евон Лек Бредфорд

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top