Дали имате проблем да го заспиете вашето малечко и дали често се буди во текот на ноќта? Прочитајте за некои од најчестите погрешни чекори во воспоставувањето квалитетна рутина за спиење и научете како да ги избегнете.

Прескокнување на рутината за спиење

На повеќето луѓе им треба некое време додека да заспијат и да се смират, а и бебињата се слични. Рутината пред спиење не само што му помага на вашето бебе да се опушти пред да се смести во креветчето, туку може да стане прекрасен начин за поврзување со вашето бебе.

Игнорирање на знаците дека е време за спиење

Бебињата и малите деца испраќаат сигнали дека се уморни и дека треба да спијат – вели Ким Вест, автор на книгата „Добра ноќ на заспаната дама, спиј цврсто“. Некои од овие знаци се триење на очите, проѕевање, забавена активност, нервоза, губење интерес за луѓето и за игра.

Ако ги пропуштите оние знаци што се појавуваат за време на природното спиење на детето, неговото тело нема да го исфрли смирувачкиот мелатонин – вели Ким Вест. Наместо тоа, неговите надбубрежни жлезди ќе „испратат“ хормони поврзани со стресот што ќе го направат бебето нервозно.

Едноставните навики станаа лоши рутини

Разбирливо е дека кога е 3 часот наутро и сте целосно исцрпени, ќе направите сѐ што е во ваша моќ за дa го презаспиете вашето бебе. Ова обично вклучува нишање, гушкање, одење, пеење, масажа и така натаму. Според Ким Вест, додека бебето наполни 3 или 4 месеци, овие едноставни навики стануваат лоши рутини.

– Тие видови навики стануваат проблем кога се толку тесно поврзани во умот на детето со спиењето што тоа не може да заспие без нив. Клучот е да го ставите детето в кревет поспано, но будно, за да научи да се смирува и да заспие.

Прерано одвикнување од креветчето и навикнување на креветот

Ова е класична грешка што ја прават родителите. Не преместувајте го бебето на голем кревет додека не почне самостојно да се излегува од креветчето.

Заспивање на бебето каде и да се наоѓате

Никој не сака да биде роб на распоредот за спиење на своето дете, но вистината е дека дремењето во количка, седиште во автомобил или столче не му го обезбедува на бебето потребниот сон затоа што детето не паѓа во длабок мирен сон. За да развие добри навики за спиење, бебето треба да има позната зона за спиење, област каде што оди и да дремнува и да спие секој ден. Се разбира, ова правило не важи кога има важни настани или обврски кои ве спречуваат да го направите тоа, но најчесто треба да останете доследни. Обидете се да правите сè што треба помеѓу дремките на вашето бебе.

Неконзистентност во распоредот на спиење

Доследноста е клучна за децата, особено кога станува збор за спиење.

– Потребно е редовно време на дремнување и разумно време за спиење за да се регулираат дневните и ноќните хормонски циклуси, а на детските срца и умови им е потребна предвидливост. За да се чувствува безбедно, распоредот ќе му помогне на детето да стане поспано и да заспива секој ден во исто време, а ако распоредот постојано се менува, тоа е како секоја вечер да лета од една до друга временска зона, а телото да не знае кога треба да заспие. Борбите пред спиење често произлегуваат од неконзистентни распореди, бидејќи родителите се обидуваат да ги стават своите деца во кревет прерано или предоцна – вели д-р Мелцер.

Го оставате бебето будно до доцна со надеж дека ќе заспие

Звучи како добра идеја, на крајот на краиштата, кога тинејџерите си легнуваат доцна, сакаат да спијат до пладне следниот ден. За жал, тоа едноставно не функционира кај најмладите.

– Нивниот внатрешен часовник секогаш ги буди приближно во исто време наутро, без разлика кога си легнуваат – вели д-р Мелцер.

Така, родителите кои им дозволуваат на своите бебиња да останат будни долго време, всушност, секогаш завршуваат со исцрпено, нервозно и уморно дете следниот ден. Наместо тоа, придржувајте се до одредено време за спиење за да бидете сигурни дека вашето дете добива од 10 до 11 часа сон што му се потребни секоја вечер. Ако детето се разбуди премногу рано наутро (пред 6 часот), тоа значи дека заспало предоцна навечер, па обидете се да го заспиете 30 минути или еден час порано.

Донесување одлуки за спиење среде ноќ

Вистина е дека е тешко да се донесат мудри одлуки во 2 часот наутро. А будењето среде ноќ обично е кога родителите ги прават најголемите грешки. Според Ким Вест, една од најголемите грешки е реактивното заедничко спиење.

– Тоа е кога едно семејство спие заедно во ист кревет затоа што тоа е единствениот начин да се заспие детето, а не затоа што одлучиле да спијат заедно како семејство. Родителите несвесно создаваат повеќе плачење со откажување и прибегнување кон лоши навики за да го решат проблемот. На пример: „Го оставив да плаче некое време, а потоа го зедов в раце и го лулав додека не заспа, бидејќи не можев повеќе да издржам да слушам како плаче“. Ова го учи бебето дека ако плаче, на крајот ќе го добие она што го сака и ќе мора да го повторите тоа кога повторно ќе се разбуди во текот на ноќта.

Но, кога ќе дојдете до точка кога ќе се чувствувате како да не донесувате добри одлуки за спиењето на вашето дете, замолете го вашиот партнер да се вклучи. Тимската работа им овозможува подобар сон на двајцата родители.

Родителите не се на иста страна

– Родителите мора да бидат обединети во воспитувањето на децата, особено кога станува збор за подобрување на сонот на детето. Треба да се договорите за тактиките што ќе ги користите за да му помогнете на вашето дете да научи да се самоуспокојува и да спие квалитетно. Во ред е рутините да бидат малку поинакви, но големите одлуки треба однапред да се договорат – вели Вест.

Прерано откажување

Никогаш не е доцна да се сменат лошите навики за спиење, но родителите треба да вежбаат трпеливост.

– Очекувањето брзи резултати кога се обидувате да ја промените навиката што сте ја создале во изминатите неколку месеци или години е често нереално. Родителите треба да се посветат на две до три недели за да видат значителни промени. Со време и напор од ваша страна, бебето и целото семејство наскоро ќе спие цврсто во текот на ноќта – вели Вест.

Извор



912

X