Училиштата беспрекорно функционираат и си имаат спроведено динамика

Анастасија, која е второ одделение, и Јован, кој е прва година гимназија, или седмо одделение по наше, посетуваат настава во училиштето „Паскал“ во Никозија, Кипар. А успешно и со посетување на наставата ја завршија и минатата учебна година. Во оваа држава граѓаните се многу дисциплинирани кога станува збор за мерките за заштита од коронавирусот, а таква е и сликата во училиштата. Од почетокот на пандемијата таму има околу 2.100 заболени. Кипар има околу 1,2 милион жители.
Бидејќи е во основно училиште, Анастасија не носи маска. Во клупа седи по еден ученик. Одморите им се одржуваат на отворено. Родителите не смеат да влегуваат во училиштето. Има прецизно определено место за земање и оставање на децата. Сите вработени и наставниците задолжително носат маски. Марија Балевска, која со семејството живее на Кипар, вели дека за разлика од кај нас, таму сите беспрекорно се придржуваат до мерките, ги почитуваат, без разлика дали се деца, родители, наставници или останати вработени.

– Во истата зграда е и гимназијата во која оди Јован, а која почнува од наше седмо одделение. Тие ученици треба да носат маски на затворено, а надвор не е задолжително. Останатите правила се како во целото училиште. Во училишниот автобус сите деца се со маски. Сите влезови во училиштето се отворени за да не се создава метеж – вели Марија.

Висока дисциплина и големи казни

Таа раскажува дека строгите мерки и дисциплината на луѓето уште во мај придонеле бројот на заболени во Кипар да се сведе на нула.

– По карантинот од неколку месеци што беше во сила на Кипар, кој забрануваше секакво излегување од дома, освен за исклучоци кои добиваа СМС-дозвола, бројката на заболени стигна до нула. Тоа придонесе да се отворат училиштата уште во мај и учениците успешно си ја довршија годината. Редот во училиштата беше воведен уште тогаш, а сега само се продолжи со истото темпо. Правилата строго се почитуваат. Казните се големи. За неносење маска во затворен простор казната е 300 евра. На влезовите во училиштето има средства за дезинфекција, а и децата си носат. Сега почнаа и да имаат ручек со храна од кетеринг. Во кантината има распоред, кој исто така се почитува и не се прави метеж – ни раскажа Марија.

Што смее да понесе детето со себе?

Протоколот на училиштето „Паскал“ им е доставен на сите родители и неопходно е сите да го почитуваат. Уште од првиот ден на училиште наставниците ги пречекуваат децата во дворот, а родителите остануваат надвор. Времето за оставање на детето е од 7:20 до 7:45. Учениците си носат со себе ранци, шише за вода и ужина, и најмногу 5 евра за да си купат нешто за јадење. На  оние што немаат превоз училиштето ќе им обезбеди, но треба да се искомуницира навреме. Униформа се носи уште од првиот ден. Сите предмети, униформи, кутии за јадење треба да бидат прецизно означени чии се.

Правила за во школо, има и физичко

– Доколку детето не се чувствува добро, треба да остане дома. Секој посетител треба да носи маска и секој ќе биде запишан дека влегол во училиштето. На децата во текот на денот неколку пати им се проверува температура. Маските за учениците не се задолжителни. Учебниците остануваат во училиште, дома се носи само неопходното. Родителите треба да им го обезбедат потребниот прибор за на училиште. Кантината функционира нормално, со сите спроведени мерки. Домашна задача може да се пишува по секој завршен час. Исто така, предвидена е целодневна настава, со распоред за ручек, работење домашна и слободни активности – раскажува Марија за дел од правилата во училиштето во кое учат нејзините деца.

За сите заинтересирани се отворени и спортските активности, како физичко, школата за пливање, за фудбал, кошарка, ватерполо, џудо. Имаат посебен протокол, кој им наведува во која соблекувална да се пресоблечат, кои тушеви да ги користат, каде да јадат, и никако да не се создава метеж за време на активностите.

Фото: Марија Балевска



912

X