Министерството за труд и социјална политика информира дека делот за предучилишно образование на платформата за е-учење „Едуино“ е во функција.
– Министерството за труд и социјална политика во соработка со Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, УНИЦЕФ и другите партнери подготви национална платформа за е-учење и игра наречена „Едуино“. Тоа е едукативна платформа наменета за сите воспитувачи и родители, а на која може да се најдат, користат и преземат материјали, игри и активности за деца на возраст од 3 до 6 години. Платформата обезбедува соодветни содржини за учење базирани на игра во воспитно-образовните институции детски градинки/центри за ран детски развој, како и во домот со родителите за да се осигури квалитетна едукација и забава за најмладите. Нуди видеа со разработени воспитно-образовни содржини за децата на предучилишна возраст од 3 до 6 години. Видеата се во траење од 15-ина минути и се придружени со презентација и нарација/објаснување од воспитувач. Досега се поставени над 150 видеа на македонски и на албански јазик.
Во иднина сите воспитувачи и родители на оваа платформа ќе може да најдат и да преземат материјали, игри и активности подготвени за користење за деца од 3 до 6-годишна возраст – информираат од МТСП.
912