Веќе првите денови на училиште уочуваме дека учениците имаат проблеми со вниманието, самостојната работа, концентрацијата, комуникацијата, помнењето, графомоториката, истрајноста, уредноста, дури и на едноставните задачи.

Зошто на децата им е тешка секоја ментална и физичка работа? Зошто нивниот речник е сиромашен? Зошто не се повеќе љубопитни и имагинативни?

Затоа што прерано им дадовме мобилни телефони, таблети, компјутери, дигитални часовници. Се фалиме како успешно ги користат од 3-4 години. Им ги дадовме брзо, лесно и готово. Зошто да се трудат?

Вака, за „Новости“ зборува Љ. Новковиќ, учителка во ОУ „Дринка Павловиќ“, на прашањето како во практика изгледа работата со децата кои од мали нозе ги користат сите можни дигитални помагала што им се достапни.

– Важно е и неопходно учителот постојано да разговара со учениците за позитивните и негативните последици од користењето на некое дигитално средство или појава во општеството кое тоа средство ја создава. Се разбира, секогаш мораме да имаме на ум дека возрасните се најважниот модел во однесувањето на децата. Ако промениме на подобро нешто кај себе, ќе видиме промени и кај нив – вели учителката.

Психолозите научно докажале колку се големи последиците од претераното занимавање со дигиталните медиуми. „Човечкиот вид има вродена потреба да трага по информации бидејќи тие се услов за опстанок, но во својата еволуција луѓето немале искуства со толкава количина информации каква што имаат денес, па човечкиот мозок нема вродени биолошки механизми за да се соочи со тоа, вели Иван Ивиќ, психолог, професор во пензија.

– Дигиталните медиуми имаат низа само за нив својствени карактеристики: преоптовареност со информации, што значи дека младите во процесот на дигиталното читање во една минута се среќаваат со голем број информации. Потоа тие медиуми имаат технологија на прекинување, а тоа подразбира постојано да се скока од една информација на друга, од текст на текст, од текст на аудиозапис или видео, до е-пошта, од е-пошта до лајкнување на социјалните мрежи…“

Прва последица од таквото однесување е дека така примените информации брзо се губат, односно исчезнуваат од таканаречената работна меморија, бидејќи траат само некој секунда, па се преминува на нова и така по ред.

– Ваквото однесување спречува еден клучен психолошки механизам, а тоа е преминување на краткорочното помнење во долгорочно. За да дојде до тоа преминување, потребно е време да се воспостави врска на нови информации со знаења кои човекот веќе ги има во врска со тоа, новата информација да се поврзе со животни искуства, да се осмисли, па тоа да се интегрира во мрежа на знаење. Сето тоа е отежнато – појаснува проф. Ивиќ.

Другата последица од долго занимавање со дигитални уреди е уште позначајна, а тоа е појавата на деконцентриран ум, кој не може да се концентрира на одредена идеја и проблем. „Тоа јасно се покажува во неспособноста да се прочита со разбирање континуиран текст подолг од 2-3 страници, па јасно е какви се последиците од таквата ментална состојба за училишното учење“, истакнува проф. Ивиќ.

Што може да се направи?

– Апсолутно би морало да се спречи учењето напамет без разбирање, таканаречено бубање. Во училиштата сè уште масовно се даваат позитивни оценки кога ученикот ќе ја раскаже лекцијата од збор до збор, а ништо од тоа не разбира. Треба да се избегне давањето високи оценки. Родителите не им прават услуга на децата кога вршат притисок врз наставниците да им подаруваат оценки. Треба да се намалат програмите, а да се зголеми времето за размислување за она што се учи, учениците да се испитуваат така што треба да се согледа дали го разбираат она за што зборуваат, треба да се научат да се задлабочуваат кога ја читаат лекцијата, да го подвлечат секој збор што не го разбираат и да побараат што значи – затоа секогаш сум бил против бесплатни учебници кои недопрени се враќаат. И треба да се избегне скокање од една информација на друга, што значи да се ограничи времето што се поминува на дигиталните уреди – вели проф. Ивиќ.

Може ли тоа да се спроведе во дело?

„Не верувам многу“, отворено кажува проф. Ивиќ.

Извор



912

X