Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мојот шестгодишен син периодично врши голема нужда во гаќи. Вели дека не можел да издржи. Мислам дека не е тоа зашто нормално си оди, а ова се случува периодично. Разведена сум, со мене е од четири месеци, но нема никаков проблем ни во деновите кога треба да оди кај татко му. Не знам што се случува, ве молам за совет.

ОДГОВОР: Понекогаш децата се носат со емоции кои се тешки за нив без разлика што изгледа дека сѐ е нормално. Површината не покажува каков е внатрешниот свет на детето. Непријатните емоции децата ги изразуваат преку различни однесувања, преку агресија, повлекување, регресивно однесување (цицање палец, мокрење во гаќички, зборување како бебиња итн.). Често го користат телото за да ја изразат анксиозноста или агресијата која се чувствува кога мора понекогаш да се усогласат со барањата на родителот.

Без оглед на причината, важно е да знаете дека тоа не е свесна реакција. Би било добро да не давате преголемо внимание и да не поставувате премногу прашања и да не давате коментари: „Веќе си голем“, „Како не почувствува?“ Кажете му дека не е ништо страшно, а потоа упатете го да се пресоблече и истушира. Потрудете се да забележите што се случува пред ваквите епизоди. Разговарајте со вашето дете за тоа како се чувствува, како е во градинка, како е кога оди кај тато, како поминуваат време заедно, што сака, за што размислува. Размислете за вашиот однос, за вашите граници, за неговата дневна структура, дали се случила некоја промена, некоја нова личност во неговиот живот… итн. Поминувајте квалитетно време со него, бидете трпеливи, нежни и полни со разбирање.

Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X