Балансирањето на работните рокови со нејзините синови, кои имаат пет и осум години, не е лесен подвиг за Тери Хагинс. А празниците се ближат, што значи дека нејзиниот распоред е преполн со училишни претстави, забави, обврски за купување подароци и прашања за тоа дали ќе ги посети сите членови на семејството оваа година и дали на децата ќе им биде дозволено да користат екрани за време на зимскиот распуст.

-На колку настани можам физички да присуствувам кога имам работа и други обврски? Дали моето дете ќе биде трауматизирано ако одам на два концерта наместо на празничен настан или забава? Дали моето дете ќе ме мрази ако му дадам премалку подароци? – прашува таа, која инаку работи како консултант во Њу Џерси.

Тука е и прашањето за купување подароци или честитки за наставниците, инструкторите по музика и уметност, училишните асистенти и менаџерите.

-Сакам да им покажам дека ги ценам. Не сакам да им давам глупави работи – објаснила таа.

Како Хагинс, и многу други родители се соочуваат со стресот на мајчинството долго пред празничната сезона да донесе дополнителни обврски. Што можат да направат родителите кога ќе се натрупаат уште повеќе задачи за празниците?

Експертите советуваат родителите да се обидат да ги олеснат празниците со преиспитување на нивните очекувања, барање помош, стратегиско менаџирање на семејните драми и пронаоѓање на она што ги радува во јануари.

Како сакате да се чувствувате за време на празниците?

-За почеток, запрашајте се како сакате да се чувствувате за време на празниците. Ова е важно прашање на кое родителите треба да одговорат – вели психологот Ана Сивалд.

-Можеби сакате да се чувствувате пријатно. За време на сè што правите во пресрет на празниците, без разлика дали тоа е шопинг, готвење или забава, застанете и запрашајте се дали тоа е во согласност со вашите намери – советува Сивалд.

Одговорот на тоа прашање ќе ви помогне да одлучите дали да продолжите да го правите тоа или не.

Кој инсистира на божиќни колачиња?

Родителите можат да размислуваат и за изворот на нивните очекувања, вели терапевтот Кимберли Соло. Родителите може да чувствуваат притисок да купат соодветни семејни пижами, на пример, затоа што гледаат како другите го прават тоа на социјалните мрежи.

Сепак, ова може да биде премногу скапо, па дури и иритирачко. Наместо тоа, Соло ги советува родителите да се запрашаат: „Кои се нашите опции?“

Сивалд, исто така, препорачува родителите да ги преиспитаат своите традиции и да видат дали сè уште функционираат за нив.

-Дајте си дозвола да правите нешто различно. Само затоа што печете божиќни колачиња во последните десет години не значи дека треба да продолжите да го правите тоа по цена на вашето ментално здравје или разум.

Време е да се намали менталниот стрес

Жените често преземаат најголем дел од планирањето и организацијата во семејствата, забележува Соло. Кога обемот на работа се зголемува за време на празниците, особено е важно да делегирате задачи или да побарате од семејствата да ги споделат одговорностите.

За да се намали одговорноста за готвење, Сивалд предлага да нарачате храна или да побарате од сите да донесат нешто.

-Не мора сè да биде домашно и не мора да правите сè од нула. Можеби оваа година имате болно дете или ситуација на работа и не ви треба дополнителен стрес – предлага таа.

Ограничете го прекумерното подарување

За некои семејства, подароците едноставно се натрупуваат, но Сивалд вели дека е можно да се намалат подароците. Предлага да седнете со децата и да изберете подарок за донација за сиромашните деца во јануари. На овој начин децата ќе почувствуваат дека го намалиле нередот во куќата и направиле добро дело.

-Ако сте со мал буџет, притисокот од празниците може да биде тежок, но запомнете дека децата повеќе ќе ги паметат ноќите со топло чоколадо и филм отколку најновите електронски додатоци што не ги добиле – вели Сивалд.

Намалете ја семејната драма

Соло вели дека е важно да се има реални очекувања и да не се претпоставува дека роднините ќе го променат своето однесување. Ако не ви е удобно на ручек, ако вашите деца се караат со братучедите, не одете и не најавувајте однапред дека ќе останете накратко на гости.

Соло, исто така, препорачува родителите добро да се одморат пред вакви настани или да се дружат со пријателите што им одговараат. Ова се деталите што можат да ви помогнат подобро да се справите со стресот.

Планирање за јануари

По празниците испланирајте семејна вечер без телефон, со семејна игра или филм. Тоа е одличен начин да се соберете сите заедно без дополнителен стрес за никого.

Соло, исто така, ги советува своите клиенти да планираат нешто за себе во јануари. Ако патувањето е надвор од вашиот буџет, можеби некој пријател може да ги чува вашите деца додека вие и вашиот партнер одите на кино или вечера.

-Планирајте нешто за јануари што ве прави среќни и што не вклучува грижа за другите луѓе – вели Соло.

Тоа е уште еден начин на кој родителите можат да ја направат празничната сезона помирна.

Извор



912

X