Повеќе од 5 милиони деца во САД имаат алергии на храна (тоа се две деца од секоја училница) и иако никој не е сосема сигурен зошто, бројката е во пораст. Сепак, има многу дезинформации за алергиите на храна, а некои од нив дури ги изложуваат животите на децата на ризик. Ова се неколку од митовите за алергиите на храна, а знаењето на фактите е од исклучително значење, па дури и може да спаси нечиј живот.
Мит 1: Треба да избегнувате да давате храна како кикиритки, риба и јајца додека вашето дете е во претшколска возраст
Вистина: Препораките се променија. Нови истражувања покажуваат дека раната изложеност на вообичаени алергени може всушност да ги заштитат децата од развивање алергии, па сега се препорачува на децата со висок ризик за алергија на кикиритки поради алергија на јајца или егзема да им се даде протеин од кикиритки на 4-6 месеци ако тестот за алергија е негативен (со надгледување од лекар). Американската академија на педијатри, исто така, дава зелено светло за риба и јајца кога бебињата ќе започнат со цврста храна. Секогаш советувајте се со својот лекар за историјата на болести на вашето дете пред да му дадете кикиритки или други вообичаени алергени.
Мит 2: Алергиите на храна траат цел живот
Вистина: Иако алергиите на кикиритки, јаткасти плодови, риба и школки обично се доживотни, децата може да ги надраснат алергиите на млеко, пченица, соја и јајца.
Мит 3: Нетолеранцијата на храна и алергиите на храна се иста работа.
Вистина: Нетолеранцијата на храна, на пример, нетолеранцијата на лактоза, не е помалку сериозна од алергијата. Тоа значи дека имате проблем да сварите одредена храна, а јадењето на таа храна може да ви создаде мачнина. Алергија на храна е одговор од имунолошкиот систем. За разлика од нетолеранцијата, јадењето храна на која сте алергични, па дури и мала количина, може да биде живото-загрозувачко. Осигурете се луѓето што се грижат за вашето дете да разберат дека ниту една количина од таква храна не е безбедна кога детето има алергија.
Мит 4: Епи-пенкалата се комплицирани за употреба
Вистина: Епи-пенкалото содржи лек кој може да спаси нечиј живот ако има реакција на внесена храна. Можеби изгледа застрашувачки да се искористи, но не е – дури и ако вашите деца немаат алергии, важно е да се знае како да се ракува со пенкалото ако вашите деца имаат другари на гости што имаат алергии.
Мит 5: Алергијата на кикиритки е единствената живото-загрозувачка алергија
Вистина: Секоја храна може да предизвика сериозна реакција наречена анафилакса, што може да биде фатална. Има 8 вида храна кои предизвикуваат најмногу реакции: млеко, јајца, соја, пченица, риба, школки, кикиритки, јаткасти плодови. Симптомите на анафилакса се тешкотија при дишење, отечени усни, повраќање, слабост и конфузија. Ако вашето дете има алергија на храна, има планови за итна помош кои може да се споделат со луѓето што се грижат за вашето дете.

Мит 6: Младите деца се најмногу изложени на ризик од опасни алергии на храна
Вистина: Вистина е дека малите деца кои не можат да ги прочитаат ознаките на храната или да ја разберат сериозноста на нивната алергија се ранливи. Но, всушност, тинејџерите имаат најголем ризик за фатална анафилактичка реакција од алергија на храна поради ризичните однесувања што се типични за таа возраст.
Мит 7: Добивањето уртикарија (исипи) значи дека алергијата не е сериозна.
Вистина: Сериозноста на реакциите може да варира. Ако детето има неколку уртикарии откако ќе ја изеде храната еднаш, може да има посериозни реакции следниот пат. Имајте на ум дека децата може да ги опишат алергиските реакции на различен начин, на пример: „Грлото ми е чудно“ или „Јазикот ми е топол“.
Автор: Сели Куземчак