Повеќето деца учат да ги поврзуваат зборовите во реченица на двегодишна возраст, но малиот Кинг Беар од Велика Британија е многу понапред. Иако сè уште нема ни три години, ја знае азбуката, брои до 100 и чита цели реченици.
Според неговите родители, Беар веќе на една година зборувал и почнал да покажува интерес и за други јазици. Самиот почнал да учи мандарински јазик на „Јутјуб“.
Мајката на Беар, Рони, вели дека нејзиниот син ја изненадил бидејќи на возраст од две и пол години тој е на ниво на шестгодишно дете.
„Го охрабрувавме уште од мал. Ја наполнивме неговата соба со едукативни постери и играчки, но не ни можевме да сонуваме дека ќе стане мал гениј. Опседнат е со животните и природата, но и со странските јазици”, рекла Рони, на која Беар ѝ е второ дете.
Таа посочува дека Беар првпат кажал „мамо“ на возраст од само четири месеци, а првите чекори ги направил на осум месеци, што е четири месеци порано од просечно дете.