Комисијата напоменува дека пред употреба на уредите, потребно е да се спроведе темелно чистење и сервисирање
Комисијата за заразни болести дозволи вклучување на клима-уредите во просториите каде што престојуваат децата во градинките, со услов претходно да се направи нивно темелно чистење, сервисирање, како и редовно и континуирано одржување, нè информираа од Министерството за труд и социјална политика – МТСП.
Оваа одлука на Комисијата за заразни болести е донесена откако МТСП испрати допис, по реакцијата на група родители објавена на Деца.мк, кои бараа промена на протоколите за заштита од ковид-19, односно да може просториите во градинките да се разладуваат со клима-уреди во период кога во земјата температурите достигнуваат и 40 Целзиусови степени.
Земена е предвид и добрата епидемиолошка состојба во државата, вклучително и во детските градинки, каде што со недели нема ниту еден позитивен случај меѓу вработените и децата.
Досега, согласно Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитание на деца, по престанување на траењето на вонредната состојба, наведено е во согласност со временските услови, редовно да се применува природно проветрување на просториите во детските градинки, преку отворање на прозорците и да не се користи вештачка вентилација.
Од МТСП велат дека нивното барање до Комисијата за заштита од заразни болести за измена на Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитание на деца во делот на користење вештачка вентилација – клима-уред во детските градинки, тоа е разгледано и прифатено од страна на Комисијата.
– Комисијата напоменува дека пред употреба на уредите потребно е да се спроведе темелно чистење, сервисирање, како и редовно и континуирано одржување на клима-уредите – посочуваат од МТСП.
Ресорното министерство подготвило и испратило допис до сите детски градинки да постапат согласно добиеното мислење.
Со оглед на високите температури во изминатиот месец, надлежните во градинките бараа решенија како да работат во соодветни, но и пријатни услови и за нив и за децата.
Се соочуваа и со казни ако ги прекршат протоколите за работа и ако во услови на пандемија вклучат клима.
Ваквата состојба предизвика поделени реакции меѓу родителите чии децата престојуваат таму.
Има многу родители што не сакаат нивните деца да седат во просториите додека работат клима-уредите зашто ги гледаат како извор на бактерии и можност нивните деца да се разболат.
912