Исхрана

Нутриционист одговара: Колку велигденски јајца на ден смееме да изедеме и зошто тие се суперхрана?

Доколку се прашувате колку јајца дневно смеете да изедете, нутриционистот Тања Олајџија ја решава оваа дилема.

-Препорачаната количина е индивидуална. Сепак, кај здрави луѓе со просечни енергетски потреби оптимално би било 2-3 јајца за жени и 2-4 јајца дневно за мажи. Ова значително се разликува од старите препораки кои советуваа вакви количини на неделно ниво – објаснува Олајџија. Таа додава дека нема потреба од страв при секојдневното консумирање јајца.

-Денес знаеме дека холестеролот од јајцето не влијае толку врз вкупниот, а особено не врз лошиот (LDL) холестерол, колку што влијаат другите состојки во храната. Имајќи го предвид вистинското нутритивно богатство што го носи јајцето, сега можеме да ги јадеме речиси секој ден без никаква грижа – вели нутриционистот.

Варените јајца се најдобар избор

Олајџија истакнува дека токму варените јајца, какви што подготвуваме за Велигден, се најдобриот облик во кој можеме да ја внесеме оваа намирница, но нагласува и на што треба да обрнеме внимание.

-Јајцата пржени на сончогледово масло треба да се ограничат. Но, причината не се јајцата, туку транс-мастите и слободните радикали што ги добиваме со пржење на неквалитетно рафинирано масло. Затоа, велигденските варени јајца се најдобриот избор за консумирање – вели таа, додавајќи дека јајцата се навистина супернамирница, евтина и достапна за сите.

Вистинска суперхрана која е достапна за сите

-Во морето од денешни популарни и често преценети егзотични намирници, сакам да кажам дека јајцата се всушност суперхрана. Тие го заслужуваат тоа име поради тоа што содржат:

  • Изобилство на протеини (ги содржат сите есенцијални аминокиселини);
  • Здрави масни киселини (содржат и омега-3);
  • Малку јаглехидрати (кои и онака премногу ги внесуваме преку преработената храна);
  • Вредни витамини растворливи во масти.

Кога некој се сомнева во хранливата вредност на јајцата, секогаш на шега го потсетувам дека од нив настанува живот, заклучува нутриционистот.

Извор

Поврзани написи

To top