Лилјана Јагодиќ, клинички психолог во Србија зборува за последиците од несоодветен однос со мајката, за емисијата „Доктор Курир“.

– Секој што некогаш бара помош од психолог има проблем во односот со некој од родителите. Најчесто тоа е мајката. Односот на детето и мајката е многу важен во првите три години. Од тоа како мајката ги задоволува потребите на детето во тој период, зависи какво ќе биде и детето – вели д-р Јагодиќ.

– Жените сега веќе не се само мајки и сопруги, туку и бизнис-жени. Поради тоа, им недостига време кое би му го посветиле на детето, иако сме ние меѓу земјите што имаат најдолго породилно отсуство. Секоја жена овде има можност да ја искористи таа прва година од животот на детето и да ги задоволи неговите потреби на вистински начин. Но, тоа е само во првата година од животот.

Пет работи поради кои мајките најчесто чувствуваат вина

Како на развојот на децата влијае фактот дека децата се „поделени“ меѓу родителите, па мајката има близок однос со едното, а таткото со другото дете?

– Тоа не е добро. За здрав развој на личноста потребен е добар однос со двајцата родители. Од нашиот однос со родителот од спротивен пол се формираат односи со нашите партнери подоцна, додека во односот со родителот од истиот пол се создава одредена идентификација.

Често се зборува за особено блискиот однос помеѓу мајката и синот.

– Кога велиме дека е некој „едиповец“, најчесто мислиме дека е врзан за мајката. Кога мајката има изразено близок однос со синот, тоа е најчесто поради тоа што нема добар однос со партнерот. Тие потреби што ѝ недостигаат во односот со сопругот ги исполнува преку синот, што никако не е добро. И тој однос што го гради со синот влијае врз формирањето на неговите животни уверувања и врз тоа каков однос ќе оствари со својот партнер и своите деца. Така што, повторно мајките се тие што се одговорни. За синот да порасне во здрава и емотивно стабилна личност, не е добро мајката да се обидува да одржи претерано близок однос. Веќе некаде на возраст од пет години треба да престане да биде претерано нежна и на убав начин (не со отфрлање за да не се јави страв од одвојување), да го прекине тој премногу близок однос за синот да може да порасне во здрава личност. А во тој период, кога ќе почне да слабее мајчината улога во животот на синот, се зајакнува татковата. А таа улога е особено важна во пубертетот, кога синовите се угледуваат на татковците. Сепак, добар однос треба да се гради од почетокот, не преку ривалство, туку преку соработка.

Кои се последиците од лошиот однос меѓу мајката и ќерките/синовите?

– Една од најлошите последици, без разлика на пол, настанува ако мајките не ги задоволуваат детските потреби во најрана возраст. Тогаш децата стануваат емотивно студени личности. Не умеат да остварат емотивна блискост со другите луѓе, пријателите и партнерите, како и децата, ако ги имаат. Таквите лица стануваат несигурни, бидејќи од односот со мајката детето се учи на самопочит. Ако мајката не ги задоволува потребите на детето во првиот период, му испраќа порака дека тоа и неговите потреби не се важни и дека не заслужува да биде сакано.

Кога таквите луѓе, кои пораснале покрај такви мајки, сфаќаат дека имаат проблем?

– Нема правила, но најчесто тогаш кога и самите ќе формираат партнерски односи. Тоа се често луѓе кои секогаш бараат исти партнери, кои не ги почитуваат, туку ги повредуваат. Главно поради тоа што и самите биле така третирани во детството или тоа го гледале во односот на своите родители.

Како може да влијае таткото, ако забележи дека мајката премногу го врзува детето за себе?

– Така што ќе се преиспита себеси и ќе се обиде да биде добар сопруг. Ако таткото е поврзан со мајката, ако ѝ дава љубов и внимание, таа ќе биде задоволна во улогата на сопруга и нема потреба преку улогата на мајка да го задушува детето и премногу да го заштитува. Тоа е здрава средина во која детето треба да расте.

Последиците од отсуството на мајката

Зошто некои мајки го третираат детето како божество?

– Или самите така се воспитани, или во односот со сопругот постои проблем, па не успеале на вистинскиот начин да се остварат во улогата на сопруга, а потоа се зголемува и потребата да се остварат преку улогата на мајка. Тука е и потребата некои лични, неостварени амбиции да се остварат преку детето, што е посебен проблем.

Колку често односот со родителите може да го одведе детето на погрешен пат?

– Често. Родителите се најважните луѓе во животот. Колку и да се лоши родителите, ако се во прашање здрави луѓе, а не патологија, тоа го направиле со најдобра намера. Некогаш од премногу љубов настануваат конфликти, остануваат рани кои детето може да го одведат по погрешен пат.

Кажете ни нешто за влијанието на бабата и дедото врз децата?

– Од третата година децата веќе треба да одат во градинка за да се намали претераното влијание на бабата и дедото. Тие можеби немале време да им се посветат на децата додека работеле, но сега тоа го надоместуваат преку внуците. Родителите често не забележуваат дека децата им стануваат разгалени, па воведуваат систем на казни, кога веќе ќе преминат одредена граница. Тоа не е добро. Родителот мора да му се посвети на детето. Да го запознае, да го следи, да разговара. Ако добро го запознаете своето дете и имате искрен однос, нема да имате проблем. Не инсистирајте секогаш детето да ви се довери ако не сака, туку обидете се да го насочите кон некој друг. Ако го притискате, може да го оттурнете од себе. Потрудете се да остварите добар однос со партнерот. Бидејќи, кога и да мислиме дека децата не гледаат дека сме несреќни, не е така. Тие го гледаат тоа и страдаат. Подобро е да не останете во брак кој е лош, туку заради детето треба да работите на тоа и самите да бидете среќни и задоволни.

Без среќен родител, нема среќно дете.

Извор



912

X