Внесувањето нова намирница во исхраната на бебето е многу стресно за многу родители, особено поради стравот од алергии. Според експертите, најдобриот начин за справување со потенцијалните алергии е воведување храна на бебето додека мајката го дои.

Со ова се согласува и детскиот нутриционист Луси Аптон, која посочува дека наспроти контроверзното мислење дека на бебињата не треба да им се дава храна пред шестмесечна возраст, за бебињата што се изложени на поголем ризик од алергии, посоодветна граница е четири месеци. Таа објаснува дека насоките се толку многу променети, што историски на родителите им било кажано да избегнуваат да даваат кикиритки до две или три години, а она што го видовме е зголемување на стапките на алергија на кикиритки.

Што покажува истражувањето?

Неколку истражувања спроведени во последните години покажуваат дека кога се во прашање кикиритките, подобро е што поскоро да се воведат во исхраната на децата. Истражувањето „Рано учење за алергијата на кикиритките“ покажа дека кај одредени популации кои рано ги вовеле кикиритките, нивните стапки на алергија на кикиритки биле многу ниски во споредба со Обединетото Кралство. Колку подолго родителите чекаат да воведат одредена храна, толку повеќе се зголемува ризикот од развој на алергии на таа храна, додаваат тие.

Нутриционистот Аптон препорачува родителите да не чекаат премногу долго за да им дадат кикиритки на децата.

– Би рекла да ги дадете рано и почесто, што е навистина важно, а тоа можете да го направите со мелени кикиритки додадени во јогурт. Не мора да биде путер од кикиритки на тост – објаснува таа.

Аптон верува дека родителите веќе треба да им даваат кикиритки на бебињата на возраст меѓу четири и шест месеци, а потоа да видат како тие реагираат на храната.

Родителите треба да знаат на кои симптоми треба да внимаваат

Сепак, таа советува родителите да се консултираат со општ лекар пред да донесат одлука и да знаат на кои симптоми да обрнат внимание доколку нивното дете е алергично на одредена храна.

– Постојат малку деца кои имаат сериозни алергиски реакции во првите месеци од животот, но секако дека постојат. Обично реакцијата се појавува во рок од неколку минути, најчесто во рок од 15 до 30 минути – објаснува Аптон, додавајќи дека родителите мора да внимаваат за симптоми како што се исип и егзема, а во потешки случаи може да се појави оток на лицето. Сепак, таа истакнува дека спротивно на популарното верување, бебињата не се најчесто алергични на кикиритки, туку на кравјо млеко.

Извор



912

X