Во текот на денот не можам многу да уживам. Ретко успевам да ги доловам оние моменти што ме натерале да се радувам на тоа што ќе станам мајка. Да ги зграбам и да ги оставам да потраат.
Но, навечер, кога сè ќе се смири, а куќата треба да се исчисти по играњето, вечерата и спремањето за спиење, избирам да притиснам пауза. Наместо да го губам трпението секогаш кога ќе слушнам од соба: „Мамо, жедна сум“ или „Мамо, морам да мочкам“, решив да бидам присутна. Затоа што знам дека брзо ќе помине. И знам дека ме бараат само затоа што сакаат да бидат во моја близина. Не им треба ни чаша вода ниту пак да ми кажат нешто друго. Им требам јас. И тоа е НОРМАЛНО.
Затоа ги заспивам моите деца секоја вечер. И не избрзувам со тие моменти. Не велам дека секогаш е лесно. Не го негирам тоа, понекогаш, навистина не трошам време на заспивање на децата. Но, избирам да бидам таму, барем тој половина час навечер. Затоа што денот минува толку брзо, најмногу во сè друго освен во времето поминато заедно.
Секогаш кога ќе заспијат, јас сум таму. Ги држам за раце, ги галам или само седам до нив и размислувам или читам покрај светилката. И сите велат дека грешам.
Велат дека морам да бидам цврста, инаку ќе се навикнат.
Велат дека никогаш нема да научат да се справат со проблемите и да се утешат себеси.
Ах, да. Велат и дека мојот брак ќе пропадне.
Рекоа и дека на бебињата и на децата им требаат родители преку ден, но, за чудо, не навечер.
Без двоумење им велам дека тоа е глупост и дека тоа го кажуваат затоа што не знаат. Затоа што ми е кристално јасно дека ваквите коментари се одраз на незнаење, нефлексибилност и страв. Дека тие што ги изговараат, живеат во темница. А јас ја избирам светлината. Ја избирам интуицијата која ми кажува да бидам со моето дете кога ќе ми покаже дека му требам.
Затоа што мојата интуиција, мојата љубов и нежноста што им ја давам не престануваат кога ќе зајде сонцето.
Во тие тивки, вечерни мигови, кога седиме во тишина и чекаме да нè обземе сонот, го изнесуваат она што им е во срцата, што дење немале време да ми го кажат. Тоа се моментите кога најмногу ми веруваат, кога знаат дека сум нивна и дека ќе бидам тука.
Но, сите оние луѓе што ми велат дека грешам се во право за една работа. Ќе бидам цврста.
Ќе бидам цврста во мојата одлука да бидам нивно безбедно пристаниште кога тоа им треба. Без разлика дали е ден или ноќ.

Ќе бидам цврста да ги хранам кога стомакот ќе им каже дека им е празен. Не кога стрелките на часовникот велат дека е време.
Ќе бидам цврста во мојата одлука да ги научам дека нивните потреби се важни и оти покажувањето емоции е сосема во ред.
Затоа што родителството по стемнување е многу повеќе од потреба за сон. Тоа се моментите кои природата ни ги дава да ги споделиме со нашите деца, додека модерната култура нѐ убедува да заборавиме на инстинктот и да го задушиме внатрешниот глас.
Не, не е лесно. Но, јас избирам да прифатам дека овој „напор“ е цената што ја „плаќаме“ за нешто многу повредно – поглед во душата и мислите на нашето дете, како и врска заснована на доверба и сигурност.
И затоа ќе продолжам да лежам до моите деца додека не заспијат, сѐ додека тоа им е потребно. Затоа што без сомнение знам дека брзо се ближи денот кога нема да сакаат да лежам до нив.
Но, тој ден, фала богу, не е денес.