Нутриционистите долго полемизирале дали постои оптимален начин на исхрана до кој луѓето денес би требало да се придржуваат. Неодамнешно истражување направило пресврт покажувајќи дека не постои единствен начин на исхрана кој би бил најдобар за здравјето на човекот.
Во ова истражување биле разгледувани начините на исхрана, навиките и нивото на физичка активност кај стотина модерни групи на ловци-собирачи, но и на помали групи со специфичен начин на живот кој потсетува на тие древни заедници. Кај сите испитаници било откриено одлично метаболичко здравје кога тие се хранат разновидно.
Некои, 80 отсто од калориите ги внесувале преку јаглехидратите. Други вообичаено јаделе месо. Меѓутоа, сите имале една заедничка особина: јаделе многу месо, риба и зеленчук, односно консумирале храна што има висока нутритивна вредност.
Многу влакна
Генерално тие внесувале многу влакна. Поголемиот дел од јаглехидратите доаѓале од зеленчукот и од житарките со низок гликемиски индекс, што значи дека не предизвикуваат нагло растење на нивото на шеќер во крвта. За испитуваните групи не било необично да консумираат прости шеќери, но главно преку мед.
Резултатите од истражувањето покажуваат дека не постои еден „вистински“ начин на исхрана за сите луѓе, кои дефинитивно можат да бидат здрави иако се хранат на многу различни начини, вели авторот на истражувањето, д-р Херман Понсер, професор на Универзитетот „Дјук“ во Северна Каролина.
– Нам тоа ни е јасно затоа што кај испитуваните групи што се здрави наоѓаме широк дијапазон на начини на исхрана – вели тој.
Она што е заедничко за сите групи ловци-собирачи е високото ниво на физичка активност. Многу од нив на дневно ниво пешачат по 16 км. Сепак, парадоксално, нивото на енергија што ја трошат на дневно ниво не е значајно повисоко од нивото на истата енергија кај личност што работи во канцеларија. Тоа укажува дека препораката за вежбање би требало да се темели на фактот дека вежбањето може позитивно да влијае врз метаболизмот, наместо да се потенцира како средство за трошење калории и борба против дебелината, наведуваат авторите на истражувањето.
Кај модерните ловци-собирачи највпечатлив е фактот дека релативно ретко заболуваат од хронични болести, односно кардиоваскуларни проблеми, хипертензија или карцином. Стапката на дебелина е ниска. Кардиоваскуларните функции им се добри, дури и во подоцнежната возраст, а речиси да нема заболени од дијабетес тип 2 и метаболички дисфункции.
Здраво стареење
Животот во заедниците на ловци-собирачи, сепак, не е лесен. Стапката на смртност кај доенчињата е висока поради подложноста на инфекции. Смртните случаи предизвикани од несреќа, гастроинтестиналните заболувања и акутните инфекции се многу зачестени. Меѓутоа, оние што ќе достигнат зрела доба вообичаено доживуваат длабока старост и тоа главно без никакви дегенеративни болести кои се правило во индустријализираните општества. Активни се во текот на целиот живот, што укажува на тоа дека во нивниот начин на живот постои нешто што им овозможува здраво да стареат.
Постои можност генетиката и други фактори што не се тесно поврзани со начинот на живот да ги штитат од хроничните болести. Меѓутоа, истражувањата покажуваат дека кај луѓето што се родени во заедница на ловци-собирачи, а потоа ќе се преселат во градови и ќе го усвојат западниот начин на живот, постои зголемен ризик од дебелеење и метаболички заболувања.
Доктор Мајкл Гурвин, антрополог од Универзитетот на Калифорнија во Санта Барбара, направил опширно истражување на припадници на народот Тсимани кои живеат живот на ловци-собирачи во прашумите во Боливија.
Гурвин објавил детални резултати од истражувањето кои покажале дека припадниците на овој народ имаат неверојатно здрави срца и речиси никогаш не заболуваат од дијабетес. Сепак, д-р Гурвин забележал неколку случаи во кои припадниците на народот Тсимани заболеле од дијабетес тип 2 и починале откако ги напуштиле своите села и се преселиле во блиските градови каде што се вработиле во канцеларии и го промениле својот традиционален начин на исхрана.
– Почнаа да јадат пржено пилешко и да пијат „кока-кола“. Некои од нив екстремно брзо ја почувствувале промената во своето здравје – вели Гурвин.
Професорот Понсер и неговите колеги во истражувањето ги вклучиле и собраните податоци за народот Хаџа, група што живее и лови на северот во Танзанија, на исто место каде што живееле и нивните предци пред десетина илјади години.
– Речиси секој ден, тие јадат мед, малку месо и луковици – вели д-р Понсер.
Народот Хаџа нема претерано разновидна исхрана, но причината поради која припадниците на заедниците на ловци-собирачи не се прејадуваат и не се дебелеат можеби е токму тоа што во нивната исхрана нема многу новитети и разновидност. Истражувањата покажуваат дека колку е поголем изборот на храна пред нас, повеќе време ни е потребно за да се заситиме.
– Затоа во ресторан секогаш имате место за десерт, дури и кога сте сити – вели д-р Понсер. „Иако сте имале обилен оброк и веќе не можете да каснете ни залак од бифтекот, и понатаму сакате чискејк затоа што е сладок, а тој дел во вашиот мозок сè уште не е задоволен“.
912