Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам 21 година и сум во 34. недела од бременоста. Како што се наближува денот за породување, сè повеќе ме обзема страв, почнувам да размислувам како ќе се справам со преголемата болка, со епизиотомијата, шиењето, дали ќе биде сè во ред со бебето и безброј други прашања поврзани со породувањето.

Се обидувам на многу начини да се приберам, да размислувам позитивно и да се убедам себеси дека сум доволно силна да го издржам сето тоа како и секоја друга жена и дека вреди да се помине сето тоа за моето бебенце, ама верувајте, тоа трае само момент. Потоа повторно е присутен стравот. Како да си помогнам?

Прашува: Сања

ОДГОВОР: Во ред е, а особено денес во време на дополнителни пандемски заплашувања да стравувате за своето здравје и за здравјето на своето дете. Сепак, колку повеќе го држите телото и дишењето стиснато и контрахирано во загриженост, толку повеќе вашето дете ќе биде под стрес. Задржувањето и стегањето на телото поради постојаноста вознемиреност никако не помагаат во бременоста и можат само да ви го отежнат породувањето. За породувањето да биде полесно, потребно е мајката да се подготви преку смирување и опуштање на телото, особено карличниот појас, мускулатурата на телесните сфинктери и мускулите на препоните за да му овозможи на детето многу полесно во текот на породувањето да се избутка надвор во светот.

Вие, во овој момент на поодмината бременост и со ваква константна вознемиреност која ја опишувате, го инволвирате и афектирате и вашето бебе. Стравот е нормален дел од станувањето родител, особено ако ова ви се случува првпат и породувањето е првиот реален тест на овој долготраен процес, кој никогаш нема да заврши. Сепак, интензивниот и парализирачки страв може да ви ја украде радоста на уживањето во моментот дека ќе станете мајка и нема да ви дозволи да се радувате на она најубавото што доаѓа, колку и тоа да го посакувате.

Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт

Мора да признам дека и првите недели по породувањето знаат да бидат доста конфузни бидејќи со бебето заедно ќе се навикнувате еден на друг. За некои мајки и носењето на бебето знае да претставува проблем, и тоа ме однесе во потрага по коренот на таа вознемиреност за некакво преживеано негативно искуство во носењето на бебето. Доколку имало некое заплашување или лажна тревога, може и таа да тригерирала ваква вознемиреност, па иако опасноста поминала, вознемиреноста не завршува, туку се интензивира поради непознатоста на исходот. Ако е така, ве поканувам само да погледнете дали таа информација била вистина или лага, и доколку тоа е поминато, да погледнете и да се уверите дека веќе не сте на тоа место и дека тоа повеќе не се однесува на вас.

Вие сте веќе во период во кој треба да го славите постоењето и раѓањето на вашето дете, а притоа не знаете како поради присутната и необјаснива вознемиреност. Кој и да ве убедува сега дека ќе биде сè ОК, нема да успее да допре до вас доколку и самата не изнајдете начини да верувате дека ова ќе биде навистина такво позитивно искуство. Па би ве запрашала, дали оваа загриженост е дел од вашето вистинско искуство или доаѓа повеќе како заплашување и стрес однадвор (туѓи искуства, медиумско влијание, блиски преживувања и загуби), кои многупати знаат да преплават и да бидат неадекватни на сензитивната позиција во која се наоѓате. Затоа, погледнете во таа насока и обидете се да направите граница меѓу вашето реално искуство што може да ви влијае, како и искуство што не е реално ваше, и многу повеќе е проектирана недоверба или преголема грижа од другите кон вас.

Во осмиот месец од бременоста хормоните што вријат во вашето тело и ве подготвуваат за новата улога, исто така, може да придонесат за анксиозната слика и да ве стават во позиција во која е тешко да бидете најопуштената личност, особено затоа што знаете дека по породувањето вашето првородено чедо нема да биде повеќе сигурно и заштитено како кога било во вашата топла и сигурна утроба. Претпоставувајќи ја таа прва средба со сопственото дете, како и интензитетот што го носи таа претпоставка, нè носи на една позиција во која многу порано ги евалуираме нашата вредност и позиција на мајка, па и прашањата што носат вознемиреност знаат да се појават и да нè преплават: дали ќе бидам добра мајка? Дали ќе ме сака моето дете? Дали ќе знам да го заштитам моето чедо? А што ако некој го повреди? и почнува да се размотува клопчето.
Би сакала тука исто така да ве прашам дали и какво влијание имате како мајка во осми месец од бременоста врз сето тоа. Затоа ве поканувам да направите две листи.
Едната е:
а) Врз што можам да влијаам од позиција на мајка на прво дете во осуммесечна бременост?
и
б) Врз што не можам да влијаам?

Еве, на пр., би сакала да ве прашам дали можете да влијаете врз сопствената смиреност и смиреноста на вашето бебе? Ако одговорот е да, можам, би ве поканила да размислите како можете да влијаете за да се чувствувате подобро и вие и вашето бебе во моментот во кој се наоѓате и го делите? Тоа е реалната одговорност на родителот, да најде начини да влијае врз работите што може да влијае наместо да се грижи и да создава привид дека може да ги контролира нештата што не може да ги контролира. Уочувањето на вашата реална одговорност може да ви донесе помирување и смиреност кои благопријатно ќе ви влијаат.

Многу е значајно сега да бидете фокусирани единствено на себе и на своето бебе, но не преку каналот на вознемиреност постојано мислејќи како да го заштитите во ситуации кои сè уште не се реални, туку да најдете и да го примените она што знаете дека и вас и вашето бебе ве смирува, помислете каков контакт ве смирува, како вид зборување, прошетка, одмор, филм, музика, уметност, раздвижување, нежен допир и галење, вклучување на таткото, заеднички активности и игри.

Многу е битно, исто така, да обезбедите доволно кислород за себе и своето бебе преку лесно абдоминално дишење во најкомотната позиција, каде што со вдишувањето замислувате како внесувате топлина и светлина за твоето дете, а со издишувањето дозволувате да издишат од вас сите непотребни грижи. Многу значајно е да му зборувате и да му ги кажувате на бебето сите работи што ги правите во насока на негово и свое сведоштво и поддршка на ова ново заедништво и значајна врска. А ве поканувам и да бидете свесна кои сè можни добри услови ги имате за породувањето да помине добро, на пример, партнерот да ви дава доволна сигурност, каков е контактот со докторот кој ви ја води бременоста, дали имате одговори на значајните прашања и дали тие ви носат сигурност, дали сте ги направиле сите подготовки што сте ги планирале.

Многу помага доколку се подготвувате за доаѓањето на вашето бебе, па го подготвувате и неговото местенце со многу љубов, давајќи му сигурност дека сè е ОК и спремно за кога ќе одлучи да дојде, и дека вие сте спремни да бидете негови родители. Потребно е да знае дека ви е чест да бидете негови родители и правите сè за неговото доаѓање во вашето семејство да биде најпријатното на свет. Воедно и верувате дека другите услови врз кои немате контрола ќе овозможат тоа да се случи.

Сега, на крај, замислете го неговото мало лице како се смее и дозволете светлината на таа насмевка да влезе и да ви го стопли срцето! Замислете ја прекрасната можност да го држите во сопствените раце, да ја почувствувате неговата смиреност, радост, мекост и топлина. Замислете како вашата прегратка е најудобната на светот, како само вие знаете толку сигурно да го држите, и како вие сте единствената мајка на тоа прекрасно дете. Тогаш дозволете да ја почувствувате смиреноста на целината, дека вие сте си ветени еден на друг, и дека ќе се дочекате со радоста на животот.

Одговор: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X