Знаете ли дека бебињата во текот на првата година од животот се едни од најактивните личности во вашата околина? Колкав е само бројот на вештини што бебето ги совладува во овој период…

Меѓу другото, во текот на првата година бебето ги учи функциите на движење, па тој број секојдневно се зголемува. Со созревањето на нервниот систем и вежбањето бебето стекнува сè поголема контрола над своите движења и прво учи самостојно да ја движи и врти главата, потоа да седи, да ползи, да стои, да оди, па дури и да прескокнува и претрчува во периодот околу својот прв роденден.

Откривање на раката

Во текот на втората половина од првата година детето сè повеќе се уверува дека неговите рачиња се алатка со која доаѓа во допир со многу интересен свет кој го опкружува. Главните движења со рацете се фаќање, испуштање, манипулирање и експериментирање со предмети. Во првите шест месеци бебето еднакво ги користи двете рачиња, а потоа од шестиот до деветтиот и десетиот месец почнува почесто да употребува една рака. Доминантното користење на едната рака се зацврстува околу третата и четвртата година од животот, кога детето се определува дефинитивно за само една страна.

Една рака е доминантна

Доминантноста на раката се гледа во нејзина честата употреба при вршење различни активности. Со онаа рака што доминира детето побрзо и посигурно ги извршува сите активности. Оваа појава се забележува и кај нозете, па дури и кај очите и ушите. Статистичките податоци покажуваат дека кај 93 отсто од човештвото десната рака е доминантна. Другите се левучари и оние што добро се снаоѓаат со двете раце.

Наследен фактор

Изгледа дека се работи  за наследни фактори. Левучарите потекнуваат од семејства во кои едниот или двата родители исто така пишуваат со левата рака. Научниците ги набљудувале движењата на рацете на фетусите во второто тримесечје од бременоста кај жените и заклучиле дека 83 отсто од нив прават повеќе движења со десната отколку со левата рака. Исто така, утврдено е дека доколку новороденчето се постави на грб непосредно по раѓањето, тоа ја движи главата на една страна. Правецот на кој ќе ја сврти главата е во телесна врска со подоцнежната употреба на левата или десната рака. Околу 95 отсто од децата ја вртат главата на десна страна.



912

X