Игротека

Совети како да го намалите стресот предизвикан од празниците

Празничниот период треба да биде исполнет со радост, но за многу мајки тој носи и лавина од стрес поврзан со семејството, парите, храната, патувањата и огромниот „невидлив“ труд што секојдневно го вложуваат. Ако се чувствувате како имате премногу обврски, не сте единствени. Истражување на Американско психолошко здружение потврдува дека празниците, покрај радоста, носат и голема доза на стрес.

Токму затоа е клучно да се постават едноставни, но цврсти граници. Добрата вест е дека тоа не бара драматични испади – неколку смирени и промислени реченици можат да ја намалат напнатоста и да создадат попријатна атмосфера. Во продолжение следуваат неколку чести празнични ситуации и подготвени фрази што можете да ги кажете.

Порака во последен момент: „Можеш ли само уште…“

Барањата во последен час пристигнуваат од сите страни, а вие веќе со денови купувате, подготвувате и пакувате. Заслужувате да уживате во празникот, а преземањето премногу обврски создава фрустрација, а не празнична магија.

Што да кажете:

– Моментално сум преоптоварена и ќе се држам до она што веќе сум го ветила. Ако тоа не ви одговара, ве молам приспособете го планот без мене“.

Со ова јасно поставувате граница без потреба од оправдување. Ако другата страна инсистира, само мирно повторете ја истата реченица.

„Само една ноќ“

Добронамерен роднина предлага децата да останат будни подолго бидејќи „тоа е само една ноќ“. Но вие најдобро знаете што му треба на вашето дете и кој ќе се соочи со последиците од ненаспаноста.

Што да кажете:

– Сега одиме на спиење за утре на сите да ни биде пријатно. Би сакале оваа дружба да продолжи и следниот пат.

На овој начин одлуката ја поврзувате со благосостојбата на целото семејство, без непотребни објаснувања или преговори околу родителските одлуки.

Коментари за храната на маса

Непримерните забелешки за тоа што и колку јадете вие или вашето дете можат да го расипат секој оброк. Таквите коментари ја крадат радоста и го нарушуваат здравиот однос кон храната и телото.

Што да кажете:

– На нашата маса не коментираме. Те молам, додај ми ги кифлите.

Ова е јасна граница и во исто време пренасочување на разговорот. Без расправии за исхраната, едноставно продолжувате со вечерата.

Кога тешките теми ќе го расипат десертот

Некој на масата започнува расправа за политика, вакцини или воспитување деца. Празничниот ручек не е место за панел-дискусии и имате право да се исклучите.

Што да кажете:

– Тука сум за дружење, а не за расправии. Ајде денешниот ден да биде посветен на убави теми.

На овој начин ја смирувате ситуацијата и елегантно се повлекувате без дополнителни оправдувања.

„Никогаш не доаѓате кај нас“

Усогласувањето на распоредот на посети меѓу две семејства може да биде комплицирано и често е придружено со чувство на вина. Можно е да се почитуваат сите традиции без да се „клонирате“.

Што да кажете:

– Овој период го делиме времето меѓу семејствата. Оваа година сме кај едните, а следната година доаѓаме кај вас. Знам дека сте разочарани, многу ве сакаме и наскоро ќе се договориме за една посебна посета.

Со ваков пристап ги уважувате нивните чувства, но цврсто се држите до планот, нудејќи конкретна алтернатива наместо празни ветувања.

Испади – и детски и ваши

Големите емоции, без разлика дали се детски или ваши, често ескалираат во најлош можен момент, токму пред да пристигнат гостите. Нарушената рутина, метежот и премногу дразби можат да бидат причинител, особено кај децата.

Што да му кажете на детето:

– Гледам дека нешто те мачи. Тука сум за тебе. Ајде заедно длабоко да вдишеме, па можеш да избереш некоја мирна задача за да ми помогнеш.

Универзалното „не“ што секогаш функционира

Понекогаш ви е потребна едноставна, универзална фраза за одбивање.

Што да кажете:

– Фала што мислеше на мене. Моментално не можам да преземам ништо повеќе.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top