Кога нешто ни создава непријатност, најчесто сакаме да побегнеме од тоа. Но, избегнувањето не ја решава ситуацијата, а со стравот и анксиозноста треба секогаш да се соочуваме.
Психологот Мередит Елкинс, авторка на книгата „Анксиозност кај родителите: Прекинување на циклусот на грижа и воспитување издржливи деца“, објаснува дека добрите намери на родителите понекогаш ја зголемуваат анксиозноста кај детето. Кога се обидуваме да го заштитиме детето од непријатност, всушност, создававме средина каде што анксиозноста расте.
Во одредени фази од развојот, стравот и анксиозноста се нормални, од стравот од раздвојување кај бебињата до различни стравови кај постарите деца. Родителите не можат да даваат гаранции дека ништо лошо нема да се случи, но можат да покажат дека детето е безбедно и заштитено.
Ако детето нема можност да се соочи со непријатни ситуации, не учи како да ги контролира негативните емоции. Избегнувањето е моментално олеснување, но долгорочно ја зајакнува анксиозноста.
На пример, ако детето се плаши или се соочува со симптоми на паничен напад, подобро е да го земете за рака, да го гледате в очи и да му кажете: „Гледам дека се плашиш. Тешко е, но не може да ти наштети. Јас сум тука со тебе.“

Таквиот пристап го учи детето на храброст и способност за соочување наместо да се заснова на избегнување.
Детето треба да види дека и возрасните се борат со стравови и анксиозност, но се соочуваат со нив. Кога родителите покажуваат здрави реакции кон негативните емоции, децата се чувствуваат посигурни и помалку ранливи кога ќе доживеат слични чувства.
– Анксиозноста може да нè направи страшно осамени. Кога веруваме дека сме единствените што се борат, можеме да се чувствуваме чудно и неспособно. Подарок е да им ги споделите на децата моментите во животот кога сте биле исплашени, загрижени, несигурни или преплашени, но клучно е да им покажете дека сте се соочиле со предизвикот, сте се спротивставиле на потребата да избегате и сте се избориле – вели психологот Елкинс.