Министерката за образование и наука Мила Царовска, претставници на Министерство за образование и наука – МОН и Бирото за развој на образование неделава ги интензивираат дебатите за предложената нацрт-концепција за основно образование, информираат од министерството. -Во текот на оваа недела секој ден се организираат средби и дебати со различни групи а целта е преку овој широк консултативен процес да се донесе образовна реформа којашто е во најдобар интерес на децата. До крајот на неделава предвидени се средби со директорите на училиштата, наставниците, МАНУ и други засегнати страни. Министерката Царовска во среда ќе присуствува на средба со директорите на училиштата, во четврток со наставници, а во петок со членови на МАНУ – велат од МОН.
Јавната дебата за новата концепција, стои во информацијата од министерството, започна на средината на декември и ќе продолжи да тече во наредниот период.
-Од досегашните дебати произлегоа низа конструктивни и корисни предлози и коментари, а досега активно се вклучија претставници од сите релевантни институции, универзитетски професори, над 4.000 наставници, но и учениците и родителите. Во дебатата од самиот почеток се вклучени раководството на СОНК, меѓународни организации и институции како УНИЦЕФ, Светска банка, УСАИД, Британска и Швајцарска амбасада и Делегацијата на ЕУ и ЗЕЛС. Сите изразија поддршка, затоа што реформите треба да резултираат со квалитетно основно образование. Одржани се и онлајн конференции со професори, наставници, претставници на ликовната, музичката и драмската дејност. Реализирани се средби и дебати со студентското собрание и професори на ПМФ – велат од МОН.
Оттаму потсетуваат дека до среда, 20 јануари секој има можност по електронска пошта да доставува забелешки, коментари и предлозите за концепцијата којашто е објавена на веб страницата на МОН.
-Досега се пристигнати значителен број на конструктивни предлози и коментари кои ќе бидат земени во предвид. Новата концепција е дел од Стратегијата на МОН за 2018-2025 година, предвидена е со Законот за основно образование донесен пред една година и е дел од владината програма – додаваат од МОН.
912