Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Моето дете има 8 години и тренира фудбал, а воедно е добар во тоа. На тренинзите најчесто е редовен. Последнава година многу често имаат натпревари, но секогаш кога ќе дојде денот за натпревар, почнува да зборува дека има трема, дека не му се оди, дури некогаш лаже дека го боли глава од што има трема. Штом заврши натпреварот, повторно е расположен и вели дека убаво си поминал. Но не знам како да постапам, на секој натпревар истото го зборува – дека има трема. Му објаснувам дека треба да му биде забавно, а не да се оптоварува со тоа. Никој никогаш не го форсира дека мора да оди или дека мора да тренира, тоа беше негов избор и желба и кога ќе го прашам дали сака да го отпишеме, вели дека не сака. Постојано зборуваме дека и натпреварите се дел од спортот и треба да ги сфати како забава. Исто и во училиште кога имаат некој настан, вели дека има трема, но не го кажува тоа толку често. Ве молам за одговор како да му помогнеме ние како родители, не сакам спортот да му биде стрес и товар.

ОДГОВОР: Децата на оваа возраст стануваат свесни за своите потенцијали и интереси и за нив тоа станува многу важно. Таквата амбициозност понекогаш може да креира превисоки очекувања и барања од себеси, како и страв дека тие не можат да се остварат, а со тоа се наметнува автоматска мисла „Јас сум неуспешен“.


Децата не можат да ги доживеат натпреварите како забава, за нив тие се многу важни бидејќи преку нив ја тестираат својата сила, ги јакнат своите потенцијали и креираат слика за себе. Она што едно дете треба да го знае е дека кога се натпреварува, всушност се натпреварува сам со себе, соборувајќи ги сопствените рекорди, воспримајќи здрави убедувања и мисли како: „Се трудам, давам сѐ од себе. Овој пат сум подобар од претходниот.“

На тој начин се ослободуваат од психолошкиот притисок креиран врз база на очекувањата. Доколку состојбата продолжува, советувам да се обратите кај детски психолог.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X