Здравје

Храната на детските забави не мора да биде нездрава. Еве неколку идеи

Ви даваме неколку идеи, а другото го препуштаме на вашата фантазија. Секогаш имајте на ум дека ваквите оброци треба да бидат што покреативно сервирани за на крајот од забавата чиниите да останат празни

Прашајте кој било родител што му е најважно и сите ќе ви одговорат дека тоа е здравјето на нивното дете. И тоа е сосема во ред. Зошто тогаш нашите деца толку лошо, односно нездраво се хранат?

Дали сте во постојан расчекор помеѓу она што е здраво за вашето дете и трендовите на кои вашите малечки тврдоглаво настојуваат?

„Црн и жолт сок“ наместо природни

Знаеме дека сте свесни дека овошјето, зеленчукот, домашната храна и свежите сокови се единствена вистинска опција за здрав имунитет и среќно детство на вашите деца. Исто така, дека сѐ почесто се соочуваме со проблемот на дебелината кај децата, која е последица на неправилната исхрана богата со шеќери, масти и адитиви.

Сѐ правите како што треба, приготвувате домашни супи, овошје… но вашето малечко почна да излегува во светот и да гледа како другите деца јадат сендвичи и пици, ужинаат чипс и смоки наместо овошје и пијат „црн и жолт сок“ наместо природни сокови. За жал, за некои деца е награда одењето во некој ресторан за брза храна.

Како што растат, вашите деца ги покануваат на роденденски забави и на други прослави, а и вие ги организирате за другарите на вашето дете.

Менито на таквите забави е предвидливо и воопшто не е здраво. Главно се работи за брза храна која се доставува од пекарници и пицерии, во вид на парчиња пица, сендвичи, кроасани… и сето тоа полиено со кечап и мајонез.

Децата се мали и поводливи и сѐ уште не знаат да разликуваат добро од лошо. Па затоа многу лесно ги усвојуваат лошите навики. Но, доколку се потрудите, можете во форма на нивните омилени хамбургери, пици и сл. да им понудите здрав и квалитетен оброк.

Станете трендсетер во организирањето на детските прослави. За вашите шарени пици и вкусни сендвичи нека се зборува меѓу родителите и децата. Многу мајки ќе почнат да ве следат, а децата ќе добијат квалитетни оброци полни со витамини и минерали, кои им се неопходни за правилен раст и развој. Ваквата храна е дури и поевтина од вообичаените нездрави оброци што се служат на детските забави. Потребни ви се малку време и фантазија.

Во подготовката на витаминската гозба може да го вклучите и славеникот, сигурно ќе ужива.

 

 

Брускети

Брускетите најлесно се приготвуваат. Намачкајте кришки багет со путер, а потоа ставете мешавина од домати, маслиново масло, лук и балзамико. Одозгора посипете ги со пармезан, украсете ги со маслинки и малку потпечете ги. Вашите брускети се готови.

Можеби мислите дека парче леб со домат нема некоја хранлива вредност, меѓутоа, спојот на доматите со маслиновото масло е топ-комбинација за јак имунитет и за превенција од болести. Доматите содржат ликопен, силен антиоксиданс кој го штити организмот од рак и од срцеви болести. Сигурно сте слушнале и за здравите масти што ги има во маслиновото масло и тие дополнително ја поттикнуваат апсорпцијата на одредени хранливи материи од доматот.

Идеја: Исечкајте маслинки и наместете ги како две очи на секој брускет. Од парче домат направете уста и така вашите брускети ќе оживеат, а децата со сласт ќе ги јадат.

 

Пилешки раженчиња

Играјте си со детската љубопитност. Исечете пилешко филе на мали правоаголници. Подгответе и шампињони и мали парчиња црвена пиперка. Наизменично на стапче за раженчиња ставајте од продуктите. Посипете сол и оригано и испечете ги на скара. Земете голема векна и готовите раженчиња забодете ги во неа. Ќе добиете шарен еж кој многу убаво мириса и привлекува со својот вкус. Кога ќе го послужите јадењето, кажете им на децата дека има по едно раженче за секое дете. Веруваме дека никој нема да сака да остане без својот дел.

 

Здрава пица

Оваа здрава пица се приготвува многу брзо, вкусна е и полна со здрав зеленчук.

Состојки:

2 теста за пица

½ шолја пица-сос

10 чери-домати

1 црвена пиперка

1 шолја шампињони исечени на листови

2 главици кромид исечени на тркалца

6 свежи листа босилек, ситно исечкани.

Ако имате модли со интересен облик, направете интересни парчиња и послужете ги на кружна чинија со детски мотиви.

Не заборавајте, децата сакаат динамика и промена како во играта така и во исхраната. Многу лесно ќе ги изедат овошјето и зеленчукот ако им ги сервирате на интересен начин!

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top