Хуман папилома вирусот е прилично чест проблем, па затоа многумина го игнорираат верувајќи дека не може да создаде поголеми проблеми. Вистината е сосема поинаква. ХПВ може да има фатални последици, а трудниците се особено чувствителни.
„Познато е дека ХПВ-вирусот е група на генски хетерогени ДНК-вирус од семејството папилома вирус. Инфекцијата со ХПВ е една од најчестите кај жените во репродуктивниот период. Истовремено, спонтаното излекување а ХПВ-инфекции се случува во 70 отсто од случаите“, раскажува гинекологот Наталија Кан. Познато е дека постојат неколку типови ХПВ кои се сметаат за канцерогени и кај нив се зголемува ризикот од развој на канцер на грлото на матката и други видови онколошки болести – рак на усната шуплина, грлото итн.
Влијание на бременоста
Кога се работи за присуство на ХПВ, прашањето што многумина ги загрижува е бременоста, а лекарите велат дека влијанието на вирусот врз плодот и понатаму е предмет на проучување. „Моментално податоците за влијанието на вирусот во текот на бременоста се нејасни. Постојат студии кои укажуваат на зголемување на постојаноста на овој вирус кај трудниците, како резултат на хормонални процеси и имунолошки одговор. Истовремено, според други студии, трудниците не се во голем ризик од развој на ХПВ“, вели Кан. Многу студии се занимавале со прашањето дали може присуството на ХПВ кај жените да доведе до прекин на бременоста. Ако се гледа физичката манифестација, тогаш зборуваме само за израстоци на телото или слузокожата. На многумина не им паѓа на ум дека некој „дефект“ на кожата може да биде ризик за бременоста. Но, лекарите предупредуваат.
„Експерименталните студии покажале дека ХПВ може да ја нападне плацентата и така потенцијално да предизвика различни компликации во бременоста. Истражувањата покажуваат врска помеѓу ХПВ и предвремено породување. Исто така, откриена е и врска меѓу ХПВ и застојот во растот на фетусот, но неопходно е да се направат понатамошни анализи. Интересни се и резултатите од студија од 2018 година кои ја покажале можноста од пренесување на ХПВ од мајката на новороденчето“, напоменува Наталија Кан. Затоа, таа нагласува дека е многу важно навремено дијагностицирање и лекување на ХПВ-инфекцијата кај жените во репродуктивен период.

Дијагностицирање на проблемот
Моментално не постои специфичен третман за инфекција поврзана со ХПВ. Од големо значење е дијагнозата на инфекцијата и претканцерогените лезии на грлото на матката, кои се поврзани со ХПВ. Дијагностиката на ХПВ подразбира колпоскопија, вулвоскопија, цитолошки преглед.
„Се препорачува двајцата партнери да се тестираат на ХПВ во фаза на планирање бременост. Ова овозможува навремено дијагностицирање на болеста и намалување на ризикот од несакани последици во текот на бременоста“, напоменува докторката и ја истакнува важноста од вакцинација против овој вирус.
„Вакцините се многу ефикасни и безбедни во превенција на ХПВ-инфекцијата и ракот на грлото на матката. Вакцинацијата е најефикасна ако се изврши пред сексуалната активност на девојчињата“, нагласува Наталија Кан.