Кога луѓето се груби со своите соработници или ги третираат лошо, тие не сфаќаат дека ненамерни жртви во таа ситуација може да бидат децата на соработниците. Жените што доживуваат нељубезност или неучтивост на работното место имаат поголема веројатност да применуваат построги, поавторитарни правила на родителство, а тоа може да има негативно влијание врз нивните деца, покажуваат истражувањата презентирани на годишниот конгрес на Американското психолошко здружение.
– Овие истражувања откриваат некои претходно недокументирани начини на кои страдаат жените како резултат на агресија на работното место. Откривањето на тоа како ова малтретирање на работното место ги попречува позитивните интеракции меѓу мајката и детето зборува за претходно непризнаена група на индиректни жртви на невнимание – децата – вели д-р Анџела Диониси од Универзитетот „Карлтон“.
Научтивост и навреди на работното место
Неучтивоста и нељубезноста на работното место се однесување што се карактеризира како грубо, непочитувачко, неволно и однесување што ги нарушува нормите на почитување на работното место. Ова однесување покажува недостиг на грижа за другите, вели коавторот Катрин Дуле од Универзитетот „Карлтон“. Некои примери за вакво однесување на работното место вклучуваат игнорирање или давање навредливи забелешки за некого, присвојување на нечија работа како своја, пренесување на вината на друг за сопствените грешки, избегнување колега или исклучување колега од тимот.
– Сега знаеме, врз основа на многу емпириски докази, дека последиците од ваквото однесување на работното место се огромни и негативни. На пример, ако личноста се наоѓа во ваква состојба, тогаш таа помалку работи, има повисоко ниво на стрес и нарушено внимание и носи лоши одлуки – вели Дупре.
За подобро да се разберат ефектите од ваквото однесување на работното место, во домовите на вработените истражувачите спровеле онлајн-истражување што опфатило 146 мајки и нивните брачни другари. Мајките биле прашани за нивното искуство со вакво однесување на работното место, како и за чувството на ефективност како родител. Нивните брачни другари биле замолени да пријават негативни однесувања на родителство како авторитарност (строго и контролирачко однесување) и попустливост. Тие пронашле значајна врска помеѓу доживеаното непристојно однесување на работа и авторитарното родителство од страна на мајките. Немало поврзаност со попустливото однесување.
Исто така, резултатите од истражувањето покажале дека нељубезноста на работното место е поврзана со мајките кои се чувствуваат помалку ефикасни како родители, што може да помогне во објаснувањето на зголемената потреба да се вклучат во строго контролирано однесување како родители.
Авторитарните родители повеќе ја вреднуваат дисциплината
– Авторитарните родители имаат големи очекувања од своите деца, со правила кои нивните деца треба безусловно да ги следат. Истовремено, тие обезбедуваат многу малку повратни информации и остро ги казнуваат грешките – вели Дупре. Тие имаат многу правила за речиси секој аспект од животот на нивните деца, вреднувајќи ја повеќе дисциплината отколку забавата.
– Истражувањето сугерира дека авторитарното родителство е повеќе негативен стил на родителство во споредба со другите стилови. Овој стил е поврзан со различни негативни резултати кај детето. Детето покажува агресивно однесување надвор од домот, се плаши или е премногу срамежливо, има тешкотии во социјалните ситуации поради недостиг на социјална компетентност, страда од депресија и анксиозност и се бори со самоконтролата – вели Дупре.
Еден од најинтересните аспекти на наодите беше колку се широко распространети негативни ефекти од нељубезноста на работното место.
– Ова истражување ни кажува многу за природата и опсегот на нељубезноста на работното место, а особено за негативното влијание што го има врз благосостојбата на мајката – велат научниците.
912