Многу од родителите реагираат на ваквата состојба, оценувајќи ја како нелогична. Некои пак сметаат дека не треба да се вклучуваат клима-уреди, уплашени дека може да се извор на бактерии
Во период кога земјата се наоѓа во портокалова фаза и кога температурите надминуваат и 40 степени Целзиусови, децата што престојуваат во градинките во најтоплиот период од денот мора да се седат во затворен простор без пуштени клима-уреди.
Тоа е така поради протоколите за заштита од ковид-19 според кои работат градинките и мора строго да се придржуваат на нив.
Многу од родителите реагираат на ваквата состојба, оценувајќи ја како нелогична. Децата да седат во затворени простории, во кои и се служи и храна, а температурите се високи.
Надлежните во градинките, пак, велат дека се соочуваат со казни ако ги прекршат протоколите за работа, но и дека има поделени реакции меѓу родителите чии децата таму престојуваат. Велат дека наоѓаат решенија како да работат во соодветни, но и пријатни услови и за нив и за децата, па така често ги проветруваат просториите, но и пуштаат прочистувачи на водухот.
Александра Јелиќ-Исаиловска од детската градинка „Срничка“ во скопската населба Аеродром потврдува дека според протоколите за работа на градинките и за заштита од ковид-19 не смеат да ги пуштаат клима уреди, односно вештачка вентилација во просториите каде престојуваат децата.
-Ангажиравме фирма која ќе го извади целиот систем и ќе направи негова целосна дезинфекција. Целта е да добиеме документ, кој ќе ни потврди дека клима уредите се безбедни и дезинфицири. Но, санитарната инспекцијата ни посочи дека и тоа не ни е гаранција и заштита од казна – посочува директорката Јелиќ-Исаиловска.
Според неа, има и многу родители кои не сакаат нивните деца да седат во просториите додека работат клима уредите, зашто сметаат дека тие се извор на бактерии и можност нивните деца да се разболат.
-Работата со деца е специфична. Мораме да работиме според протоколите, но мора и да се прилагодиме на овој летен период. Затоа, ги проветруваме и ги ладиме просториите пред да дојдат децата, или, пак, додека се во другите простории или надвор – додава директорката.
Според протоколите кои произлегуваат од планот за намалување на рестриктивните мерки за спречување на ширење на коронавирусот објавен од Владата, во делот за активности во установите за згрижување и воспитание на децата, пишува дека треба редовно, во согласност со временските услови да се отвораат прозорците, особено во просториите за деца. Сепак, во протоколот е посочено и да не се користи вештачка вентилација.
912