Психолозите велат дека ваквите одлуки на родителите децата ги забележуваат и можат да бидат контрапродуктивни, зашто децата сакаат да се чувствуваат еднакви, па дури и во процесот на исхрана, со сите членови во семејството. Нутриционистите, пак, велат дека по навршување на првата година, децата можат и треба да консумираат речиси сè што јадат и нивните родители

Не постои мајка која барем еднаш, додека нејзиното дете е мало, не ја изговорила реченицата: „Моето дете не јаде доволно“. За повеќето од родителите состојбата кога детето одбива храна знае да биде фрустрирачка, особено кога тоа внесува некоја нова храна или кога му се нуди храна што претходно ја јадело, а сега категорично ја одбива.

Токму во овие периоди родителите се под притисок дали децата јадат доволно или дали исхраната е квалитетна, па се обидуваат да им угодат на своите деца и подготвуваат поединечни, односно специјални оброци само за нив.
Сигурно сте слушнале некој да рече: „Само да јаде, ќе готвам и по три ручеци“. Така, практично, се готви посебна храна за возрасните членови во семејството, а посебна за децата.
И тоа може да биде прилично исцрпувачки.

Замислете родител со две мали деца кој оди на работа, во текот на денот готви најмалку по два оброка за ручек и по два за вечера.
Но, колку е правилна оваа одлука на родителите? Дали на овој начин навистина се олеснува процесот на хранење? Дали на тој начин детето јаде поквалитетна храна од родителите?
Дали навистина родителите го заштитиле детето од јадење „нездрава“ храна?

Дали родителите вака се ставаат во функција на слуги на сопствените деца?

Психолозите велат дека ваквите одлуки на родителите децата ги забележуваат и можат да бидат контрапродуктивни, зашто децата сакаат да се чувствуваат еднакви, па дури и во процесот на исхрана, со сите членови во семејството.
Нутриционистите, пак, велат дека по навршување на првата година, децата можат и треба да консумираат речиси сè што јадат и нивните родители.

Заблуда е дека децата ќе сакаат здрави намирници ако родителите не ги јадат

Надица Илиевска, дипломиран нутриционист, смета дека за младите родители, подготвувањето оброци за децата понекогаш е вистински предизвик.
Честопати водени од желбата нивните најмили да бидат добро и квалитетно нахранети, Надица вели дека тие прибегнуваат кон посебно приготвување храна специјално наменета за децата, и тоа речиси до нивна предучилишна возраст.

– Понекогаш тоа е оправдано, но најчесто е голема грешка. По навршување на првата година, децата може и треба да консумираат речиси сè што јадат и нивните родители. Се разбира, доколку и родителите имаат разновидна и избалансирана исхрана – додава таа.

Сепак, според неа, треба да се напомене дека прехранбените навики се стекнуваат во семејството.

– Заеднички оброци и иста храна за сите членови на семејството е начин децата да почнат да консумираат намирници кои не им се омилени. Со малку труд почнуваат да го следат примерот на своите родители, доколку на трпезата нема посебна храна за нив. Впрочем, заблуда е дека децата ќе сакаат да јадат здрави намирници, кои и нивните родители не ги консумираат, само затоа што родителите им кажуваат дека се здрави – објаснува нутриционистот.
Советува родителите кои имаат проблеми со исхраната на децата да ги вклучат и нив во приготвувањето на храната, па дури и при поставување на трпезата, како и на крајот во заедничко уживање во оброците што ги подготвиле.

Правете креативни оброци и јадете ги заедно со децата

Психологот Билјана Стојановска смета дека родителите треба да се обидат да јадат заедно со децата од нивната храна (секако, додека се мали), колку и да звучи чудно тоа, но на тој начин ќе се зголемат позитивните искуства од контактот и ќе се надмине таканаречената борба за моќ во релацијата родител-дете, која може да стои зад пребирливоста на детето.

Вели дека заеднички појадок, ручек и(ли) вечера е време кога семејството треба да се потруди заедно да седне на иста маса, време кога може да се биде заедно, без да се одвлекува вниманието на децата со таблети или со телефони.

– Концентрираното внимание што секој го има за време на оброците може многу да им помогне на родителите, како што е учењето манири на однесување и култура на изразување за време на јадењето, но и преку давање личен пример од кој детето учи. Значи, тоа е една самоанализа и симболичко претставување на јадењето – вели психологот Стојановска.
Според неа, нема правило кој кога треба да е гладен, дозволете му на детето да побара храна, да каже или покаже кога е гладно.

Критиките кон детето поопасни од недоволно внесените витамини

Смета дека претераните забрани или контрола над некои намирници кај детето може да се рефлектираат во насока тоа да ги сфати како свој начин на однос кон храната, но исто така може да станува збор за револт кон забраната, на пример, на внесување шеќери.

– На пример, ако детето нема право на избор во други активности, а во поглед на храната сè му е дозволено, секако дека на тој начин ќе сака да ја задоволи таа потреба – посочува психологот Стојановска.

Вели дека практичен совет кој некогаш може да помогне е заедничко креативно сервирање на храната, правење форми од храната, односно фигури кои ќе бидат интересни за детето.

– Некогаш помага и умерено условување и разумен авторитет. Помеѓу зборовите „треба“, „мора“, „дали сакаш“ и „ако… тогаш…“, обидете се да му обезбедите колку што е можно чувство на еднаквост и припадност доколку е во претшколска возраст. Но, никогаш не употребувајте критики кон личноста на детето, туку кон однесувањето! Исто така, никогаш не споредувајте го вашето дете со никого, последиците од тоа би биле далеку поголеми од недоволно внесени витамини во текот на денот – додава таа.



912

X