Геологијата да не биде само машка професија, туку и женска! Ова беше мисијата на четирите деветтоодделенки од Основното училиште „Даме Груев“ од Битола, единствените од Македонија што го кренаа гласот на меѓународниот натпревар „Science teachers in Europe” (Наставниците по природни науки во Европа) што неодамна се одржа онлајн.

Натпреварот беше во организација на Европската федерација на геолози со наслов „Покажете ни што мислите дека работат геолозите“. Со триминутно видео деветтоодделенките Михаела Нешковска, Ангела Котевска, Ана Марија Вељковиќ и Анастасија Бејковска, под менторство на наставничката по физика Валентина Степановска-Андонова, успеаја да се пласираат меѓу финалистите заедно со учесничките од Португалија, Шпанија, Финска, Англија, Италија и Индија.

– Овој натпревар беше исклучиво наменет за девојки од 13 до 18 години, со цел ученичките да се поттикнат и да ја одберат во иднина професијата геолог. Иако не ги добивме главните награди, сепак, стекнатите сертификати сведочат дека бевме достојни и единствени претставници од земјава во јака конкуренција од десетици училишта во Европа, како и добри промотори на нашето училиште, град и држава – вели наставничката Степановска-Андоновска.


Алшар ја крие тајната на настанокот на космосот и Сончевиот Систем

Ученичките од Битола пред Европа се претставија со мистеријата на рудникот Алшар, во близина на селото Мајден, Тиквешко, на 900 метри надморска височина, кој е надвор од експлоатација иако содржи многу редок минерал во светот, за кој се смета дека само тука го има во чиста форма. Тоа е талиумовата руда лорандит, за која експертите велат дека е природен детектор на неутрино- честичка која од Сонцето до Земјата патува за 8 секунди.

Алшар е рудник на планината Кожув во кој првпат е откриен талиумовиот минерал лорандит. Познати светски геолози го нарекуваат овој рудник најчувана тајна на нашата планета. Некои го вреднуваат и како најголема тајна на човештвото бидејќи во неговата утроба наводно се крие тајната за настанокот на космосот и на Сончевиот Систем! Лорандитот служи за да се детектира неутринот. Ако се успее да се одвои неутринот од талиумот, нашата планетарна наука ќе ги разбере процесите со чија помош се генерира енергијата во Сонцето. Во Алшар се регистрирани десетици видови минерали. Од нив дури седум ги има само во Македонија – велат ученичките.
Видеата од финалистите во кои спаѓа и македонското ќе бидат достапни на веб-страницата www.engieproject.eu до 2025 година.

22 европски земји бараат родов баланс во светот на геолозите

Целта на натпреварот беше да го поттикне интересот на девојчињата да студираат гео-науки и геоинженеринг и на тој начин да го подобри родовиот баланс во овие дисциплини во повеќе од 22 европски земји. Вклучени беа девојчиња на возраст од 13 до 18 години бидејќи одлуките за кариера се носат генерално во овој период од животот.

Вкупната родова шема во геолошките науки, особено во секторите за истражување и екстракција на минерали, е неизбалансирана. Типично е наменета за мажи и има стабилни машки стереотипи на речиси сите нивоа во бизнисот, во општеството и професионалните заедници, како и во образованието и истражувањето. Студиите потврдуваат дека разновидните тимови се покреативни – велат организаторите.

Во РЕК „Битола“ се кршат табуа

Битола во своја близина го има РЕК, каде што има и жени-геолози. Меѓу битолчанките што ги рушат табуата дека рударството е машка професија е и 18-годишната Марија Христовска, единствената девојка меѓу учениците од четврта година на насоката геолошко-рударски техничар во Средното општинско училиште „Таки Даскало“ во Битола. Пандемијата ја спречи годинава да оди на пракса, инаку пред појавата на коронавирусот беше редовна на практична работа во рудникот Брод Гнеотино, крај багер СРС 2000/1, висок 60 и долг 136 метри, облечена во работнички алишта.

Учам за геолошко-рударски техничар. По матурата планирам да се запишам на Геолошко-рударски факултет. Ја одбрав струката зашто сметам дека мажите и жените се рамноправни во изборот на професија. Во класот учам само со машки и добро соработуваме – рече Христовска.


Професорката Валентина Маневска, рударски инженер од „Таки Даскало“, вели дека низ годините се намалувал бројот на ученици во класовите за геолошки и рударски техничари.

Се преземаат мерки да се промени тоа зашто има потреба од овој профил, се вработуваат во РЕК или во фирмите што работат во РЕК. Во РЕК има рударски техничарки и инженерки – вели таа.
Геолозите најчесто се вработени во секторот рударство. Со тригодишно траење на образованието стануваат геодупчачи, а со четиригодишно средно – геолошко-рударски техничари. Геологијата како студиска програма се учи и на Штипскиот и на Скопскиот универзитет, а дипломците стануваат инженери геолози.

За шест години, од 284 геолошко-рударски техничари само 63 се девојчиња

Според Анализата на секторот за геологија, рударство и металургија, објавена од Министерството за образование во 2017 година, од вкупниот број вработени во секторот рударство – 4.164, со полно работно време се 98%, од кои 2,5% се жени. Во потсекторот вадење руди и камен од 2.443 има 143 жени, а во потсекторот вадење јаглен и лигнит – од 68, 5 се жени.

Низ годините слабее интересот за оваа струка. Согласно конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта во Македонија, програмата за геологија, рударство и металургија е застапена во пет училишта во пет града. За геолошко- рударски техничар, во четири града има само по една паралелка. Минималниот потребен број на поени за упис се 45, тоа е речиси половина од максимумот поени постигнати со успехот во основното образование – 82.
Бројот на запишани ученици по паралелки во општинските училишта во кои се реализираат наставни програми од геологија, рударство и металургија во 2017 година беше 55 ученици, од кои само 10 женски. Од 2011 до 2016 г. од вкупни 284 за геолошко-рударски техничар само 63 се девојчиња.



912

X