За 18 проценти се зголеми бројот на ученици што следат онлајн-настава од почетокот на учебната година до денес, соопшти денеска министерката за образование и наука Мила Царовска.

Според неа, наставниците ги стекнаа потребните вештини, а учениците навиките и онлајн-наставата се одвива солидно. За еден месец постигнувањата се добри, до 20 ноември ќе треба да се формираат и првите оценки.
Онаму каде што ќе има предизвик во формирањето на оценката за онлајн и следење настава на далечина, ќе може да се повика ученикот на индивидуална средба за поквалитетно потврдување на нивото на неговото знаење.

– Тогаш ќе ги видиме предизвиците. Затоа сме во секојдневна комуникација и со директорите и со градоначалниците, за да може што поквалитетно да се постави овој систем. Предизвици постојат, но ме радува што се постигна континуитет во наставата и што и родителите и учениците ја чувствуваат разликата од оној период кога немаше никаков тип онлајн-настава – истакна Царовска одговорајќи на новинарски прашања по презентацијата на резултатите од Јавниот повик на ФИТР за доделување финансиски средства преку иновациски ваучери.
Царовска смета дека веќе утврдениот начин на настава треба да остане и да се одржи до крајот на школската година. За ротирање ученици на една недела ќе се размислуваше ако состојбата, како што рече, останеше на ниво на 1 октомври и ако се намалуваше бројот на новозаразени, што не е случај.

За децата што следат настава од далечина, преку телевизија, министерката информира дека Државниот просветен инспекторат проверува дали им се доставуваат материјалите.

– Резултатите што ги добив досега се позитивни. Вчера попладне беше испратена апликација до сите училишта да одговорат на кои начини и колку редовно се во комуникација со учениците што следат настава од далечина, преку телевизор – напомена Царовска.



912

X