Кога Џорџија Фостер имала 36 години, лекарите ѝ рекле дека никогаш нема да може да има успешна бременост поради недоволно развиена матка. Таа цел живот страдала од ендометриоза, а лапароскопијата исто така открила дека Џорџија има уникатна форма на матка, што ја спречувало да остане бремена.

– Бев шокирана кога го дознав тоа, а помислата дека не можам да имам свои биолошки деца ме вовлече во депресија – раскажува таа.

Таа во еден момент размислувала и за посвојување, но бидејќи во тоа време била без партнер, нејзините шанси биле многу мали. Иако максимално се фокусирала на својата кариера, нејзината потреба да се реализира како мајка никогаш не исчезнала.

Откако наполнила 41 година, нејзината најдобра пријателка станала загрижена за неа и ја охрабрила да побара мислење од друг лекар. Втората лапароскопија открила дека првата дијагноза во основа била неточна.

– Лекарот потврди дека имам доста невообичаен облик на матката и дека е тешко да забременам, но не и невозможно затоа што во матката имаше доволно простор за носење на бебето – вели таа. Во моментот кога нејзиниот лекар предложил да размисли за донор на сперма, таа уште била слободна, без партнер. Одлучила да ги оствари своите соништа, дури и ако тоа значело дека ќе биде самохрана мајка. Дури и нејзините родители, кои исто така очајно сакале да станат баба и дедо, се согласиле дека донорот е единствениот можен начин.

– Она што го знаевме за донорот е дека е дански лекар и дека има 27 години – вели Џорџија.

По некое време пријателката ја поканила на пијалак и ја запознала со 39-годишниот Иан. Иако на почеток се двоумела со оглед на големите планови што ги имала за нејзиниот живот, сепак одлучила да оди на состанок со него.

– Иан почна да спие кај мене и кога ме праша каков е тој чај со силен мирис, му кажав дека е за мојата ендометриоза – вели Џорџија.

Кога му кажала за нејзината желба да има деца, Иан ѝ рекол дека никогаш не размислувал да стане родител. Џорџија му објаснила дека сака да ја реализира својата цел и дека ако не сака тој, тоа е во ред. Иан ја замолил да му даде три месеци за да размисли, а во тој период ја запознал и со неговите родители. По посетата на неговото семејство, тој ѝ рекол дека е подготвен да стане татко.

– Забременив по првото вештачко оплодување, но за жал имав спонтан абортус во осмата недела од бременоста. За мене тоа беше вистински пораз – вели Џорџија. Шест месеци подоцна, по уште едно неуспешно вештачко оплодување, Џорџија отпатувала во Северен Кипар за да направи трето вештачко оплодување таму.

– Таму лекарот, поради мојата возраст, одлучи да пренесе три ембриони со надеж дека барем еден ќе доведе до бременост. Изненадувачки, забременив со три момчиња – вели таа.

Нејзината бременост била ризична, па морала да лежи во кревет цело време. Во 34-тата недела од бременоста родила три здрави момчиња. Иако таа признава дека е предизвик да биде најстара мајка на родителските состаноци во училиште, за неа е вистински благослов што станала мајка во подоцнежните години. Сега е помирна и има повеќе трпение и не мора никому ништо да докажува.

Автор: Ели Јакобс

Извор



912

X