Оваа година во јуни свидетелства зедоа само учениците во деветто одделение бидејќи им беа неопходни за упис во средно училиште

Основните училишта почнаа да прават план за поделба на свидетелствата на учениците, кои не ги добија во јуни поради пандемијата на Ковид-19. Во различни општини документите ќе се делат во различни денови.

Во Основното училиште „Панајот Гиновски“ во Бутел свидетелствата ќе им бидат поделени на децата од наредниот понеделник до среда, во точно утврдено време. Ова е организирано во неколку денови за да се избегнат поголеми групирања во исто време во затворен простор.

Петар Арсеновски, директорот на училиштето „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче, вели дека иако засега нема официјален став за ова, најверојатно децата ќе ги добијат свидетелствата во училишниот двор.

– Ние имаме девет генерации – 54 паралелки. Без деветтите одделенија, треба да им се дадат свидетелствата на учениците во 48 паралелки, а во секоја од нив во просек има по 30 ученици. Тоа најверојатно ќе го направиме по 1 септември, кога ќе почнеме да ги повикуваме учениците по генерации. Доделувањето ќе се случува во училишниот двор, така е најбезбедно и нема да се случува во исто време, ќе се запази сè што е предвидено со протокол. Треба да им даваме и учебници на учениците. Инаку, чекаме да се изјаснат родителите на децата од 1. до 3. одделение (18 паралелки) дали сакаат настава со физичко присуство или онлајн, па потоа ќе ја организираме наставата – вели Арсеновски.

Фото: Општина Аеродром/Поделба на свидетелства на деветтоодделенци во јуни

Во Општина Центар утре ќе се состанат директорите, по што ќе се знаат детали и околу доделувањето на свидетелствата на децата. Наскоро истото ќе се конкретизира и во Општина Ѓорче Петров, од каде што информираат дека тоа ќе се случува најверојатно откако ќе почне новата учебна година. Во оваа општина надлежните направиле агенда на движење за да бидат унифицирани сите училишта.

– Од почетокот на август работиме на новите годишни програми кои по закон треба да се готови до 15 август. Во вторник имаме состанок на ниво на директори во општината, каде што ќе бидат конкретизирани предлог-одлуките на Владата и организацијата на наставниот процес. Направени се анкети меѓу родителите, кои сакаат физичко и онлајн-настава, обезбедени се средства за хигиена во училиштата – информираат оттаму.

Оваа година во јуни свидетелства зедоа само учениците во деветто одделение бидејќи им беа неопходни за упис во средно училиште.



912

X