Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Најмалиот син е прваче, тој е трето дете во семејството, големиот син е деветто, а ќерка ми е четврто одделение. Кога тргна на училиште, бидејќи не беше често одвоен од мене, плачеше наутро на првиот час, но потоа се навикна. Проблемот е што другарчињата го исмевале дека има вишок тежина и за ранецот – бил бебешки зашто бил со животни. Купивме друг ранец, но проблемот е во тоа што син ми сега има одбивност кон училиштето. Разговаравме со психолог, педагог и со учителката, но тоа не помогна. Почнав да седам на час со него, но ако станам да си одам, и тој доаѓа по мене. Ве молам за совет.
ОДГОВОР: Жалам што вашето дете се соочило со овие непријатности и искрено се надевам дека сте нашле начин и сте се избориле со овие проблеми. Тргнувањето во училиште за многу деца претставува голем предизвик кој доведува до појава на силни емоции. Секое дете различно поминува низ оваа голема промена во животот, а процесот на приспособување кај секое дете е различен. Покрај возбудата, децата честопати доживуваат чувства на вознемиреност и страв. Новата училишна средина и одделувањето од родителите често предизвикуваат чувство на анксиозност и загриженост, како и чувството на несигурност. Самата промена е доста тешка за детето, а ако на ова ги додадеме исмејувањата од другарчињата, тогаш не е чудно детето да одбива да оди на училиште и да протестира.
Затоа детето и бара да бидете со него бидејќи веројатно се чувствува засрамено, луто, збунето, повредено, разочарано, само, отфрлено и се бори со сите овие силни емоции за кои е потребно време да се преработат.
Рефлектирајте ги неговите чувства: „Ми се чини дека ти е страв што…“, „Изгледа дека баш се налути кога…“, „Те повреди кога…“ итн. Слушајте што ќе ви каже и потврдете ги неговите чувства. Бидете со него и дајте му до знаење дека го разбирате и дека е во ред да се чувствува вознемирено, повредено и уплашено, и кажете му дека сте тука да разговарате за сѐ што го мачи.
Тогаш кажете за вашето сопственото искуство кога вие сте тргнале на училиште и како сте се соочувале во слична ситуација, а воедно можете да дадете примери за себе и за вашите постари деца. Со нив да разговара за тоа како тие ги поминале различните ситуации во училиште, колку биле храбри и издржливи и да споделат со што тие се соочуваат сега. Зборувајте за тоа дека сите деца се различни и дека секое дете различно ги доживува разликите помеѓу нас, дека сте многу горди на него што е таков каков што е. Веројатно во училиште има дете со кое може да се зближи и да поминува време заедно, поттикнувајте го ова другарување кај него, и не само со тоа дете, туку и со другите што ги доживува како поблиски.
Пофалувајте го и охрабрувајте го кога покажува храброст, без разлика колку е мал чинот и помогнете му да развие позитивен внатрешен дијалог. Негативните мисли да ги замени со позитивни афирмации. Потсетете го на неговите силни страни и способности и дека понекогаш иако ни е тешко, некои работи ги правиме и се соочуваме со нив.
Изложете го вашето дете на различни искуства што ќе предизвикаат да излезе надвор од зоната на удобност и уверете го дека го сакате безусловно и дека се гордеете со него без разлика на сѐ.
Често кога ние, родителите, покажуваме смиреност во вакви ситуации, децата од нас ја црпат отпорноста, затоа останете смирени, без да кревате голема паника и верувајте во него дека може. Запознајте ја учителката со ситуацијата за да работи на поинаква атмосфера во нејзиното одделение, каде што не е важно кое дете каков ранец има и како е облечено итн.
Полека негувајќи ја самодовербата кај него, заедно со издржливоста и способноста да се соочи со предизвиците, ќе развие поголема храброст која ќе му биде потребна во животот.
Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com
Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912