Многу родители се соочуваат со проблем кога станува збор за јадењето на нивните малечки. Имено, многу од нив сакаат да си играат со храната среде оброк, што родителите често го доживуваат како нешто лошо. Меѓутоа, вистината е сосема поинаква.
Група педијатри и лекари кои имаат профил на социјалната мрежа „Инстаграм“, наречен „Solid Starts“, објавиле едукативно видео во кое објаснуваат зошто е добро децата да си играат со храната додека јадат. Имено, тоа позитивно влијае врз нивниот однос со храната, но и врз нивниот севкупен развој.
Како што откриваат во објавеното видео, има неколку придобивки од играњето со храна кај малите бебиња. Ова вклучува поттикнување и развивање на креативноста, стимулирање на сетилата за допир, вид, слух, мирис и вкус, создавање позитивна атмосфера, спречување на пребирливоста преку градење љубопитност за храната и развивање на фината моторика.