однесување Прашај психолог

Детето има проблеми со одење во веце по трауматски настан… Совети од психолог како да постапите

ПРАШАЊЕ: Би сакала да се консултирам во врска со проблемот со кој се соочуваме со машко дете на возраст од 3,5 години. Поради здравствени проблеми, бевме на многу испитувања, меѓу кои и иригографија, и потоа столицата му беше многу тврда и во голема нужда одеше многу тешко, само во една позиција, легнат на земја со испакнато газе и исклучиво во гаќи.

Оттогаш помина 1,5 година и никако не можеме да го надминеме овој проблем. Сега столицата е нормална, меѓутоа, остана како навика да кака во гаќички. Пробавме со многу разговори, со ветувања, со купување разни адаптери на шолја, нокширчиња, со видеа, со заедничко одење во тоалет, охрабрување… пробав и со карање и беше уште полошо. Како да постапам?

ОДГОВОР: Вашето дете се соочило со овој проблем кога почнала „аналната фаза“, фаза на развојот која е многу важна, а се случува во периодот од 2 до 4 година. Во оваа развојна фаза детето стекнува основно искуство на контролата и автономијата, и тоа токму преку способноста да ја држи или испушта столицата. Ова не е само биолошка функција, туку и психолошки чин што го симболизира односот кон авторитетот, независноста, желбата да им се допадне на другите, но и способноста да се спротивстави.

Детето доживеало трауматското искуство, кое веројатно довело до несвесна фиксација во оваа фаза и останува на некој начин „заробено“ во симболиката на тој настан. Секој од нас секогаш го избира она што е полесно, па така и вашето синче. Бидејќи веќе има создадено еден вид стратегија која е безбедна за него (познатата поза, познатото чувство и ритуал што му обезбедува удобност), тој постојано се враќа на истото – научена контролирана форма на празнење на цревата.

Кога се обидувате да го убедите, па дури и да го притиснете, детето тогаш доживува еден вид кршење на неговото чувство за моќ и контрола. А потоа, несвесно, го задржува она што му припаѓа, „столицата“, како единствено нешто врз кое има апсолутна контрола и над кое може да прави како што сака. Поради тоа, и сами гледате дека на некој начин е како вртење во круг. Болното искуство, научената навика која е полесна, фиксација на начинот, а потоа и до контрола над ситуацијата.

Бидејќи телото и емоциите се длабоко поврзани, особено кај малите деца. Детето не прави јасна разлика помеѓу физичката и психолошката непријатност, она ​​што го повредува телото влијае и врз душата, и обратно. Поради тоа, би било добро да пробате да му го вратите на детето чувството на контрола без потсетување, молење, инсистирање или насочување. Спуштете се на негово ниво и може да му кажете: „Ако сакаш да одиш на нокшир или на шолјата, само кажи ми. Верувам дека ќе знаеш кога ќе бидеш подготвен.“ Во ситуација кога пак го прави истото, бидете смирени и присутни, кажете: „Те гледа мама како какаш. Во ред е. Можеби следниот пат ќе сакаш да го направиш тоа некаде на друго место. Ти знаеш најдобро кога ќе бидеш подготвен.“

Играјте игри како каде што тој „контролира“ работи (на пример, им командува на играчките кога да јадат, да спијат, да одат во тоалет). Во исто време дозволете му да ве води низ секојдневните активности (на пр., тој „одлучува“ кога ќе станете, да одбере што ќе облече од понудени две-три работи, ќе се подготвите, ќе излезете надвор итн., секако, да бидат прво контролирани од вас, т.е. вие постојано благо насочувате 🙂 незабележително. Користете сликовници што се занимаваат со телесните функции или со животни што го прават истото.

Играјте со глина, песок, дозволете му да „прави“ и да „фрла“ работи, цртајте. Кога играчките ќе одат во нокшир или тоалет, исчистете ги заедно – играјте со вода, сапун.

Не насочувајте го директно, туку само набљудувајте, слушајте и следете, и бидете забавни. Преку играта, детето ќе го процесира она што не може да го каже без разлика дали е тоа страв, лутина, срам, потреба за контрола и сигурност.

Доколку ви е потребна дополнителна помош за развојот на вашето дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

To top