Драги родители,

Ми дојдоа на ум неколку идеи (не дека можеби и вие не сте помислиле на нив) во врска со поттикнувањето на децата редовно да читаат, па посакав да ги споделам со вас. Сосема свесна за динамичноста на денешното живеење и бескрајната брканица со времето, само сакам да потсетам на некои вредности со далекосежни придобивки, но и можни последици. Јас верувам во тоа дека хаосот може да се космизира со читање и информираност. А за тоа е потребна желба што се всадува тукуречи уште од гугањето ? (хиперболизирам, но овој процес навистина го сметам за многу важен). Еве и зошто мислам така…

Во очите на вашите деца вие сте моделот на угледување. Па, така, покрај милионските дневни обврски, наоѓајте време и за читање. Нека го сфатат значењето на читањето книги исто како, на пример, миењето запчиња пред спиење. Веројатно на почетокот поврзаноста нема да им е најјасна, но со време ќе им прејде во навика. Читањето направете го секојдневен, неминовен дел од животите на вашите деца. Нека читаат менија, наслови на филмови, сообраќајни табли, рекламни билборди и други секојдневни неодминливи извори на информации.

 


Сметам дека перцепцијата на децата за светот знае да биде подобра и од најдобрата книжевна фикција. Што е поважно, оригинална е и необременета од потребата за допадливост кај „публиката“. Не затворајте ги очите пред овој факт и посветете му должно внимание. Стимулирајте ги децата да ви зборуваат, да ви го цртаат нивниот светоглед. Запишувајте ги необичните зборови што ги кажуваат, потпрашувајте ги да ви го објаснуваат нивното значење. На пример, почнете да составувате речник со зборови што ги употребуваат вашите деца. Кога ќе пораснат, сигурно ќе им биде еден од омилените спомени од детството што може да им оформи една поцелосна слика за себе. Светот е растеглива категорија: колку тие побогато ќе се изразуваат, толку нивното видно поле ќе биде пошироко. Кога бараат објаснувања за функционирањето на нештата околу нив, секогаш барајте креативни одговори, но не и погрешни! Веројатноста да ја запаметат погрешната информација може да биде опасна за градењето на нивната личност.

Направете динамика на читање, да речеме барем два часа дневно читајте книга, заедно или секој со својот избор (се разбира, учествувајте во изборот на книгата на детето на суптилен начин). Договорете се дека откако ќе прочита одредена книга, ќе ја продискутирате. Доколку децата се поголеми и знаат да пишуваат, предложете им да си ги запишуваат непознатите зборови настрана, а потоа, преку асоцијации, нека го откријат нивното значење. Исто така, откако ќе завршат со читањето на книгата, нека ви ги посочат омилените делови од приказната, нека објаснат зошто ги издвоиле токму тие делови, кој лик им бил омилен, зошто токму тој им е омилениот лик, итн.

Читајте секаде. И дома, но и надвор од домот, на пример, во парк, за време на пролетните и летните денови, а назима може и во читалница, во библиотека. Кога сме веќе кај библиотеките, организирајте посета на некоја локална библиотека. Смислете интересна приказна за тоа како им одите во посета на книгите во нивниот дом. Може и да се зачлените и да позајмувате книги на одредено време. Се разбира, книгите се неизоставен дел и од годишниот одмор, па така, понесете неколку кога одите на летување или на зимување.

Со оглед на тоа што технологијата е наша „продолжена рака“ и своевиден екстерен мемориски диск, не можеме да го запоставиме нејзиното значење. Важно е технологијата да не ја злоупотребувате за купување на сопствениот мир. Не правете непријател од неа.

Има многу корисни, меѓу кои и голем број дидактички апликации (иако во најголема мера на англиски јазик) со кои децата може да се занимаваат на технолошките уреди наместо со некоја видеоигра, особено ако е со насилна содржина. Бидете многу внимателни околу ова! Па дури и да гледаат едукативни видеа, се разбира, под ваш надзор, или уредите да ги користат за читање, направете тоа да биде со ограничено време. Мислам дека тоа која димензија на технологијата вашите деца првенствено ќе ја усвојат зависи најмногу од вас – дали како помагало со повремени забавни содржини или, пак, исклучиво како порта кон виртуелен простор што им го троши времето што може да го исполнат на поинаков начин: за учење и вистинско, „офлајн“ дружење.

За сето посочено да стане „вирално“, за почеток, кога посетувате детски роденден, за подарок може да изберете некоја книга соодветна за возраста. Може да биде и некоја што сте ја прочитале заедно со своето дете и која многу ви се допаднала, па, подарувајќи ја, впечатокот да го засилите со коментари поврзани со нејзината содржина. Верувам дека славеникот/славеничката ќе покаже интерес и дека чинот на подарување книги ќе си го заземе својот природен тек и ќе ја разбуди љубовта кон читањето, а – којзнае – можеби и кон пишувањето….

Конечно, секогаш имајте на ум дека читањето создава слободномислечки луѓе.



912

X