Имавте тежок ден на работа, го истуривте кафето, ги изгубивте клучевите или заборавивте да ја платите сметката. Кога стресовите во животот ви се зголемуваат, понекогаш само треба да ѝ се јавите на вашата мајка.

Веројатно сте ја слушнале мајка ви како вели колку ужива да го слуша вашиот глас. Да беше до неа, веројатно ќе разговаравте секој ден. Истражувањето од Универзитетот во Висконсин-Медисон покажува дека навистина може да имате најголема корист од слушањето на гласот на вашата мајка.

Истражувачите сакале да откријат дали одредени видови комуникација со мајката се поефикасни од другите. Тие споредиле три начини на комуникација (лична, преку телефон или директна порака) за да видат кој е најкорисен и да ја истражат уникатната вредност на гласот на мајката.

Разговор со мајката по стресни ситуации

Во истражувањето учествувале 68 девојчиња на возраст од 7,5 до 12 години, кои биле соочени со стресна ситуација во која требало да решаваат математички и вербални задачи 15 минути пред публика.

Потоа, по случаен избор, девојките биле ставени во една од четирите групи на дополнителни 15 минути:

  • Чекале сами без контакт со нивната мајка;
  • Лично разговарале со своите мајки;
  • Разговарале со своите мајки на телефон;
  • Комуницирале со своите мајки преку директни пораки.

Истражувачите потоа ги мереле нивоата на кортизол во плунката на девојчињата (хормон на стрес) и окситоцин во нивната урина (хормон поврзан со доверба и емпатија).

Зборувањето е подобро од пишувањето пораки

Која група имала најголема корист? Девојчињата што разговарале со своите мајки, лично или по телефон, имале повисоки нивоа на окситоцин (позитивен исход) во споредба со оние што комуницирале преку директни пораки или немале никаков контакт.

Девојките што им праќале пораки на своите мајки имале нивоа на кортизол во плунката слични на оние што немале никаков контакт. Значи, кога станува збор за намалување на стресот, пишувањето пораки не е подобро отколку воопшто да не комуницирате.

Исто како и наодите за окситоцин, девојчињата што разговарале со своите мајки лично или на телефон покажале најдобар одговор на стресот – тие имале пониски нивоа на стрес.

Накратко, ова истражување покажува дека само комуникацијата со мајката не е доволна. Пораките едноставно не помагаат. Слушањето на гласот на мајката има уникатен смирувачки ефект. Затоа, следниот пат кога ќе бидете преоптоварени со училиштето, работата, семејството, пријателите или животот, јавете ѝ се на вашата мајка.

Извор



912

X