Знам сине, ќе заборавиш дека еден вторник те гледав како се тргаш од рацете на воспитувачката. Знам, ќе го заборавиш секое такво утро, моите убедувања, моите смирувања, моите прсти што ти ги бришат солзите од лицето.
– Мама ќе дојде, како и секогаш. Така?
Ќе заборавиш како те носев низ дома и со некаква мелодија го бркав волкот што имаше залутано во твојот сон. Ќе заборавиш дека кога првпат те видов, помислив на твојата сестра. Како ѝ е дома? Дали ѝ недостигам? Како ќе те прифати?
Ми велат: не си единствена мајка чии децата одат во градинка и плачат.
Не сум. Но сум единствената мајка на моите деца.
Последниве денови сѐ повеќе се прашувам зошто не сум доволна. Колку што јас мислам дека треба. Зошто прво мора да изметам со правосмукалата, а потоа да те земам в раце? Зошто треба прво да измијам, а потоа да ти прочитам приказна? Дали така прават сите мајки? Потоа, некаде на 10-тиот или 15-тиот роденден тие зборуваат колку биле луди. Колку брзо поминуваат нештата и како секој заборава дека било измиено и испеглано, но не се забораваат прегратките. Знам дека ќе ги заборавиш.
Но, мајката нема да ги заборави.
Дека светот се врти наопаку. Дека повеќе немаше време за книга. За филм. За кафето што се олади бидејќи баш тогаш ви текнало да се карате за играчка, за тетратка?
Кој би рекол дека двегодишно и тригодишно дете имаат толку сила?
Од каде кај вас толкав бес? Дали со него ве родив?
Од каде толку љубов во нас? Дали со неа секогаш ве носев?
Последните денови многу мислам на тебе. Дека си мое дете, и дека ми се чини дека со тебе не умеам. Се обидувам да те смирам, а ти не се предаваш. Kaj тебе едноставно не функционира истото што функционираше на твојата сестра.
Таа плаче пред вратата од градинка, со тивка паника во гласот: – Ајде да се бакнеме – вели прво. – Уште еднаш. – Уште еднаш. – Уште еднаш – а нејзините солзи се лизгаат по моето лице. – Мамичке, уште еднаш – па ме бакнува во раката. Се крши срцето.
Додека го составувам на пат кон дома, мислам на тоа како трчаш до вратата за да те земам: – Мама!!
Дали сум доволно добра? Дали знаеш дека те сакам? Дали ме чувствуваш онака како што таа ме чувствуваше? Како ти звучи во главата кога викам? Како ти звучи приспивната песна?
Уште малку и ќе дојде твојот втор роденден. Што собра во тие две години освен збунетата мајка? Дали можеш да ги рашириш рацете и да измереш до каде оди љубовта?
Би сакала да знам што мислеше синоќа кога среде читање на приказната ме бакна.
Сине, ти ќе заборавиш дека беше потребно два дена да ви најавувам со сестра ти дека ќе бидам отсутна на два часа.
Со денови мислам на тоа дека дојде навреме.
Навреме да сфатам дека животот е жонглирање во циркус. Дека по некое време забораваш на публиката. Дека е важно само да не ги испуштиш топчињата. Да не испуштиш љубов, нежност, чувства.
Дојде навреме. Да сфатам дека е лесно да се лизнам, да одам по „полесниот“ пат. Таму каде што се лелека дека имам две мали деца, дека е тешко, дека ништо не се стига. Тешко е, но убаво е. Нема да стане полесно сè додека не сфатиме колку е убаво.
Мали ти се. Ќе биде полесно кога ќе пораснат.
Тоа секогаш го велат сите. Па, јас и вашиот татко почнавме да си го повторуваме како мантра: ќе биде полесно кога ќе пораснат. Ќе биде полесно кога ќе пораснат. А потоа, сине, сфатив: кога ќе пораснеш, твоите долги нозе ќе ја шутираат топката на игралиштето, твоите прсти ќе држат молив, нервозно ќе ја бришеш задачата со гума. Еден ден, наместо за рака или на мојот грб, ќе излезете двајцата на врата и ќе викнете: – Чао, мама! Ние заминавме!
– Чекајте, а бакнежот?
– Брзаме. Ќе задоцниме на час.
Оној што вели дека ќе биде полесно кога ќе пораснете, лаже. Јас уште сега не знам кога помина времето до твојот втор роденден. За четвртиот на сестра ти не сакам ни да помислам. Мајките и времето се секогаш во вечна кавга.
Времето никогаш не е доволно. Времето никогаш не поминува. А часовникот во срцето одбројува, одбројува…
Прескокнува секојпат кога ќе се заборави на бакнежот. И уште еден. И уште еден. И уште еден.
Автор: Србијанка Станковиќ
Извор
912